Моето лично божиќно чудо
Кога ја видов сцената го сфатив нејзиното значење. Писателот Хорхе Луис Борхес би рекол, дека ова се случило за да се повтори една друга сцена, од едно друго раѓање. Тогаш го сфатив она што веројатно го знаат сите родители: секое раѓање е христово раѓање. Во мало. За тоа семејство. Кревка победа на животот.
Татко ми и мајка ми стоеа срамежливо и среќно на прагот од детската соба како тројцата мудреци и го обожуваа бебето. Можеби не е точниот збор, но тие дефинитивно имаа почит. Детето беше мало како „запирка“, врескаше и сѐ уште имаше жолтица која се добива по раѓање. Но, моите родители ги наведнаа главите и го сторија она што најмалку го очекував: му го бакнаа рачето на бебето. Тоа во патријархалната бугарска култура всушност се прави обратно: помладите им ги бакнуваат рацете на постарите во знак на почит.
Чудото на раѓање дете
Раѓањето превртува сè наопаку. Моите родители направија неколку претпазливи чекори. Како да сакаа да му се поклонат некому кој е дојден од друг свет. (Меѓу нас речено тоа и навистина беше така: детето навистина дојде од некој друг свет. Девет месеци беше “на пат“.)
Никогаш не сум ги видел моите родители такви. Тие секогаш биле најљубезните луѓе што сум ги сретнал – но, со нас, нивните деца никогаш не биле вака меки. Не се ни шегуваа со нас. Да ни бакнат рака!? Господ да чува! Ние децата во комунистичка Бугарија бевме сакани без посебни ритуали, и бевме само здодевни мали нешта кои мораше да научат каде им е местото. А, тоа сигурно не беше кај возрасните. Од нас се очекуваа само две три работи – да се однесуваме пристојно, да учиме и она што сме го чуле дома да не го раскажуваме надвор. И да се воздржуваме при купување оти парите беа кнап – тоа го знаевме сите.
Солзите на баба ми
Секој од нас, дури и најсиромашните, имаат сеќавања од божиќните прослави од детството, па дури и ако морале да се слават тајно. Баба ми, која била сираче и израснала во семејство кое ја посвоило, ми раскажуваше дека на Бадник отишла во шталата, прегрнала новородено јагне и плачела. Додека ми ја раскажуваше приказната повторно и навираа солзи и ми рече дека никогаш нема да го заборави јагненцето. Без да биде свесна за тоа, таа всушност ми раскажа библиска сцена.
Јас пак секоја година се присетувам на елката која заедно со мајка ми ја китевме со стаклени лампиони и вистински свеќи. И на тоа како татко ми и дедо ми влегуваат дома облечени во бунди, тресејќи го снегот од рамената додека цела соба не забели.
Божиќни состојки
Никогаш нема да ја заборавам играта на светлината од рерната и газиената лампа. Или кога ќе се завиткав во креветот за да слушам што зборуваат возрасните. Или пак кога ќе потонев во мојата нова книга бајки од Андерсен со прекрасни слики. Не постоеше Божиќ без девојчето со кибритчињата, лимените војници и дивите лебеди.
Кога таа зима ги родителите се спремаа да заминат дома, татко ми ми шепна на уво: „Се надевам дека ќе поживеам уште една-две години за да може детево да ме запамети. Тоа е сѐ што сакам.“ Нему му претстоеше операција и тоа беше неговиот сон, неговата визија за бесмртност: да остане во сеќавањата на едно дете. И се случи чудото. Неизлечивата болест исчезна. Оттогаш се поминати десет години, мојата ќерка е сега тинејџерка, а татко ми цврсто верува дека таа му го спасила животот.
Исус, Марија и Јосиф
Тоа се мали, лични чуда. Но, сите чуда всушност се мали и лични. Не сакав приказнава да ја раскажам во друг момент, туку токму сега кога најмногу се плашиме за нашите сакани. Некогаш немаш што друго да правиш освен да ги тешиш и да им кажеш дека ги сакаш.
Има еден посебен ден кога сите ние што преку годината сме сѐ и сешто – претпоставени и подредени, работници, новинари, потценети, навредени, навредувачи, некои кои викаат и на кои им се вика, блескави млади херои и патриоти, Бугари и Европјани – ден, коа едноставно сето тоа може да го оставиме на страна.
Тоа е денот кога едноставно сме само деца на нашите родители и родители на нашите деца.
Празникот е толку убав бидејќи го славиме доаѓањето на едно дете. А, каде што има дете, сите стануваат деца. И мајки и татковци. Секој човек е Исус, Марија и Јосиф. Тоа не е бласфемија. Тоа е смислата и чудото на животот. А, чудо е многу лична работа.
Георги Господинов (роден 1968) е најпреведуван современ бугарски писател. Неговите романи „Природен роман“ и „Физика на тагата“, како и збирките поезија и драмите, се преведени на 25 јазици. Господинов, меѓу другото, е добитник на Централноевропската награда за литература Ангелус (2019) и Наградата за литература Јан Михалски (2016).
извор: ДВ