Полна капа

Една од анегдотите за тоа како се гради перцепција гласи вака: „Нашиот младоженец поседува четири крави: една имаше, една има, една ќе има и една сигурно ќе му даде таткото на невестата“.
Од едно грло да стигнеш до четири добиточиња „на хартија“ е успешна формула за создавање перцепција во посакуваната насока.
Македонските 35 бода, 111-то место на индексот за перцепција на корупција и начинот на кој се правда таа ситуација од страна на власта, колку што има објективни аргументи, толку и ги нема. Точно е дека станува збор за начинот на кој граѓаните/експертите што даваат оценки, како го доживуваат нивото на корупција во земјата.
Но, ако тој индекс што го одразува впечатокот на граѓаните не се намалува, или како во нашиот случај – стагнира, тоа треба да биде првиот аларм дека нешто не штима и дека работите тапкаат во место.
Зар има малку причини за таков впечаток? Па, зар заборавиме колкав кратер на недоверба отвори Катица Јанева, односно случајот „Рекет“, кој откри цел сет од матни шеми на корупција, размена на понуди и побарувачки, уцени и рекет за обезбедување спас од кривичен прогон?
Огромната надеж и верба што се создаде околу СЈО, доживеа таков страотен земјотрес, такво тектонско поместување, што ќе треба да помине многу време за разместените слоеви повторно да се спојат во стабилна конфигурација на правниот терен.
За да се појави макар и мал никулец на верба дека работите одат во вистинската насока, не се доволни само реформите, кои предвидуваат филтрација во судството и во обвинителството, бидејќи тие се само предуслов за процесот да се стави на професионални шини.
Потребни се лица што постојано ќе рефлектираат интегритет и бескомпромисност кон корупцијата и криминалот, лица кои низ нивните постапувања континуирано ќе ја враќаат довербата во системот, без да се инхибираат по прашањето дали тоа ќе ѝ се допадне на власта, опозицијата и кои било центри на моќ. Без да калкулираат со ничии интереси. Тоа е тежок и одговорен процес, но единствениот преку кој може да се воспостави здраво ткиво.
Целата колумна на Катерина Блажевска на „Призма“ на следниот линк.






