Среден прст

м-р Глигор Стоименов
Почитувани, баш сакав овие денови зад нас да пишувам нешто за Џоле Балашевиќ, во неделава кога тој не напушти, кога цела поранешна Југославија со носталгија и тага го поздрави за последен пат, за сите нас кои свиревме гитара и ги учевме првите акорди со неговите песни, за мојата генерација што до сега и не знаеше како е да се живее без музиката и песните на Балашевиќ, но сепак сето тоа ќе го оставам за друг пат. Политиката за жал е некогаш многу турбулентна и сурова дисциплина и не остава простор туку така да се повлечете и да не кажете ништо.
Имено, сите знаеме а и впрочем општо прифатено е она уверување меѓу народот дека во политиката ништо не е случајно, односно ништо не се случува туку така, непредвидено, без некоја смислена намера или позадина околу било кој настан.
Никогаш нема да се сложам со ова. Сум бил сведок на многу работи кои сосема непланирано се случиле во политиката, ситуации во кои никогаш не постоеле никакви тајни планови, заговори, наместени околности, итн. Сум слушал за многу луѓе кои ги познавам некои многу таинствени и измислени работи кои немале никаква врска со вистината. Едноставно луѓето размислуваат праволиниски и секогаш се склони да прифаќаат некои работи кои им изгледаат поедноставни но завиткани во некоја мала мистерија.
Тоа се случи и деновиве со обидот за бегство на обвинетиот, сега веќе осуден, Сашо Мијалков. Добро, со право се крена голема врева во јавноста околу ова, со право голем број од луѓето беа многу разочарани мислејќи дека ќе се повтори случката како со Никола Груевски и дека правдата повторно ќе биде недостижна. Со право и премиерот и министерот за внатрешни работи беа вознемирени и нервозни и се објаснуваа пред јавноста, иако лично мислам дека немаше потреба толку од тоа. Сите беа исплашени дека правдата за оние богати и моќни ќе биде недостижна.
Ама сепак тоа не се случи, правдата е достижна, правда ќе има и оваа пресуда беше силна порака.
Слушајќи ги деновиве сите оние врескачи од опозицијата, оние големи експерти кои ги запоседнаа телевизиските дебати, оние “загрижени“ аналитичари што као нешто паламудат околу деструкцијата на правосудниот систем, некои тетки професорки како излегуваат со некои анализи и коментари со прашањето кој и како затаил во овој случај, сите оние сезнајковци кои знаат каде бил Сашо, знаат кој го криел, со кого се договарал, во која земја бил избеган, што доручкувал, па демек Американците го вратиле од Србија, па ЦИА го вратила, со премиерот бил договорен и слични будалаштини што се изнаслушавме овие денови. Ќе се сложите, една рапсодија од глупости кружеше деновиве низ медиумите. Сето тоа немаше врска со вистината. Ама изгледа баш ништо не знаат само сакаат да се промовираат во јавноста. Но најсмешно и воедно најтрагично од се беше онаа еуфорија кај опозицијата особено кај Христијан Мицковски кога излегуваше десетпати во текот на денот на прес конференции, радосен затоа што ете “Бате Саше“ избегал, па сега тој ќе може да ја напаѓа владата. Пародија беше сето тоа да се гледа, како оние кои од рака му јадеа, оние кои тој ги постави таму кај што се, кои се плашеа името да му го спомнат, сега како хиени се нафрлија врз него со навреди само за да профитираат политички. Но се случи тоа што се случи, Сашо се појави и им ја расипа забавата.
Ќе се сложите тоа беше еден среден прст за сите нив, среден прст за сите лаги кои на дневна основа им ги сервираат на нашите граѓани, за сите лажни вести, среден прст за сите оние дневно политички мрчатори и сезнајковци од социјалните мрежи кои ги слушавме како ломотат по цел ден дека власта го пуштила Сашо да избега ама Американците го вратииле и се било договорено, пази да не, за оние аналитичари и експерти кои се многу загрижени што правосудниот систем откажал, ма како па да не откажал, ете Ви го Сашо, со 12-ка во џеб, епа ред е некои од нив и да се извинат што ја малтретираа македонската јавност со дезинформации.
Но прво треба да се извини лидерот на опозицијата и оние неколкумина околу него кои инаку се посочени од страна Комисијата на ЕУ како извор на лажни вести, тие треба да се извинат на македонската јавност за сите досегашни лаги и манипулации за кои ги убедуваа граѓаните. Се покажа дека ниту имало некакви тајни коалиции со Сашо, ниту некој го криел, ниту некој се пазарел за висината на казната, тоа се лажни вести, како што е голема лажната вест дека Христијан имал мнозинство во Собрание и дека владата се тресела, е мало сутра дека е така, ќе се уверат во тоа многу брзо и оние у партија кои ги лаже за да не го избркаат од таму, се повеќе мислам дека тој се тресе од наближувањето на 28 март. Инаку за оваа работа ме потпрашаа некои пријатели дали знам нешто од Собрание, дали Христијан имал мнозинство, па земав да потпрашам некои од лидерите на партиите од мнозинството, сите ми велат “ма обични глупости остај тоа, нема врска, ги лаже неговите“.
Знаете како, да барате сега одговорност и да тврдите дека целиот правосуден систем и институциите на извршната власт не функционираат поради тоа што еден човек се скрил два дена и потоа се појавил е навистина беспредметно. Нашето општество како да е гладно за приказни и сензации особено кога се работи за лица кои се интересни за јавноста и привлекуваат големо внимание. Во едно демократско општество почитувањето на законите и процедурите се суштински и битни. На моменти тој демократски организам, за разлика од авторитарниот, делува дека е спор и неефикасен но тоа е така во целиот свет, мора да се почитува тоа што е законска процедура. Тоа многу политичари не го разбираат. Секогаш треба да се знае која институција до каде може и треба да дејствува. Ако сите процедури од страна на правосудните органи и МВР биле запазени и било постапено како што треба, особено за обвинет кој редовно и навремено со години се јавувал на сите рочишта и не биле барани дополнително посебни мерки за следење, не постои начин да спречите тој да се сокрие макар и на два дена, абе во некој подрум ќе влезе и ќе го нема два три дена, секој може тоа да го направи, што може да сторите? Може само да направите така како што се постапи, како што впрочем секоја влада би постапила, со силни и одлучно преземени мерки и чекори да го спречите да биде воопшто во можност да ја напушти земјата или пак во можност да преговара или да се пазари за некакви одлуки или пресуди, тоа впрочем и се направи, друго нема, секако тоа успеа и даде резултат. На крајот епилогот е тој, обвинетиот по два дена беше во притвор и сега веќе ја слушна и пресудата.
Би сакал овде да ги прашам сите оние експерти и правници кои продефилираа деновиве низ јавноста и преку социјалните мрежи, нека кажат каде тоа, во кој дел не функциоираше македонското правосудство и извршната власт, би сакал да знам, не само да млатат празна слама и да прават сензации.
Во оваа наша напатена Македонија и желна за право и правда ова е можеби мал чекор но доста значаен за понатамошниот тек на сите процеси кои се водат за многу политичари. Пораката е силна, дека повеќе нема недопирливи и секој ќе одговара за своите дела, па кој сака нека е, има ли нешто позначајно од тоа, полека ама сигурно се раѓа една нова надеж за верба во македонското правосудство, убеден сум во тоа.






