Жерновски: Кој е Мицкоски да кажува кој ќе оди во затвор

„По вчерашната бесрамна изјава во Собранието дека неговите политички противници треба да завршат во затвор, јавноста отворено прашува кој е Мицкоски да кажува кој и кога ќе оди во затвор? Од кога тоа премиерот пресудува? Дали е тој судија? Дали е обвинител? Или веќе е убеден дека е и едното и другото“, прашува меѓунаародниот секретар на СДСМ, Андреј Жерновски за вчерашната порака на премиерот од собраниската говорница.

Жерновски потсетува дека пред неколку недели, премиерот самиот се пофалил дека му се јавил на јавниот обвинител Ненад Савески за конкретен предмет.

„И наместо да се извини и да одговара за таквото мешање во работата на обвинителството, денес веќе јавно најавува кој треба да заврши во затвор. Што е следно? Ќе ги пишува и пресудите? Најстрашно е што ова веќе не е политички гаф. Ова станува модел на владеење. Порака до обвинителите и судиите дека од нив не се очекува да постапуваат според законите и доказите, туку според политичките очекувања на премиерот. Токму за ваквите појави веќе две години предупредува Европската Унија. Во извештаите постојано се нотира потребата од независно судство, независно обвинителство и почитување на поделбата на власта. Наместо да ги отстрани тие критики, Мицкоски со сопствените изјави ги потврдува“, истакнува членот на СДСМ.

„Признавам дека сум виновен, тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури наместо на друго место“, на собраниската седница резервирана за пратенички прашања претседателот на Владата Мицкоски ја презема вината за разочараноста на граѓаните и го предупреди лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека е дојдено времето поранешните функционери кои се огрешиле пред законот да се соочат со правдата.

„Велите секој трет човек планира да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат таму како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор. Е, затоа се разочарани луѓето. Кога ќе ве видат како се смеете од зад решетки, тогаш ќе бидат среќни и задоволни затоа што правдата дошла“, изјави Мицкоски.

Филипче критикуваше дека Мицкоски ги излажал граѓаните, бидејќи кога барале власт, ветувале „мед и млеко“. Граѓаните по две години не добиле ништо, а власта според Филипче се занимава со тоа, како да ги оцрни поранешните функционери од опозицијата.

„Оваа ваша опсесија со поранешни функционери за кои плаќате да ги сликаат голи на плажа, јас веќе не можам да ја разберам. Очигледно дека е во сферата на некоја невропсихологија“, изјави Филипче.

Според Филипче во делот на правдата и европските интеграции нема никаков напредок. Европскиот пат е заглавен и земјата се турка во изолација.

Back to top button
Close