Тргнуваат караваните под маски

Заев ја почнува кампањата во родната Струмица, Мицкоски во Охрид, ДУИ во Преспа, Алијанса за Албанците во Тетово. Во фокусот е здравствена превентива.

 

„Можеме! Уште повеќе, уште подобро“ , „Исправи се Македонијо! Одбери обнова!” „Време е за првиот премиер Албанец!“, „Сега е време!“ „Слобода, солидарност, спокој“… Ова се само дел од слоганите со кои партиите го почнуваат првиот ден од изборната кампања. Пораките се присутни на рекламни банери и спотови, а ќе бидат присутни секаде каде што ќе поминат партиските каравани во обид на граѓаните да им ги претстават нивните изборни програми.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за место од кое ќе ја започне кампањата на Коалицијата „Можеме“, ја избра родната Струмица, во изборната единица каде ќе ја бара довербата на граѓаните . Напладне во градскиот парк Заев ќе даде изјава за медиумите, а вечер во 19 часот во амфитеатарот на градскиот парк ќе има и граѓанска трибина на која ќе учествува и Соња Мираковска, која со него е коносителка на кандидатската листа во четвртата изборна единица.
ВМРО-ДПМНЕ кампањата традиционално ја почнува во Охрид, каде вечерва во 20 часот партискиот лидер Христијан Мицкоски ќе има средби со граѓани. И носителите на кандидатските листи од оваа партија ќе имаат средби и активности во изборните единици каде што ја бараат довербата на гласачите: Гордана Силјановска-Давкова ќе биде во една од скопските општини, Александар Николовски од ИЕ 4 во Струмица, Игор Дурловски од ИЕ 5 во охридско Велгошти.

ДУИ кампањата ќе ја започне во Преспанско, со промотивна конвенција на кандидатите за пратеници, која во 13 часот ќе се одржи кај одморалиштето Крани.

Алијанса за Албанците првите пораки ќе ги испрати од плоштадот во Тетово. Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, веќе најави дека Алијансата таму ќе го има првиот собир со максимум 400 луѓе и со максимално применување на мерките за заштита – маски и дистанца. „Им пишуваме пораки на луѓето од секој град да не носат повеќе од 20 луѓе“, рече тој.
Со презентација на изборната платформа, кампањата од тетовскиот плоштад „Илирија“ ќе ја почне и ДПА.
Петар Богојевски, промоторот на политичката платформа „Македонски концепт“, најави изборен караван во повеќе градови, а кампањата ја почнува претпладнево пред зградата на ЕУ- Инфо центарот во Скопје.
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Партиите ветуваат дека во изборната кампања ќе ги почитуваат здравствените протоколи
Мали собири во контролирани услови
Партиите кои најавија дека се откажуваат од поголеми митинзи, од денеска имаат одговорност за начинот на кој ќе ги организираат теренските активности, во обид тие да не прераснат во поголеми собирања каде во втор план ќе паднат мерките за заштита од Ковид-19. Од СДСМ соопштија дека ќе ја организираат кампaњата по строго утврдени протоколи, без митинзи и без посети на домови. За запознавање со нејзината понуда на распологање ќе ги стават сите онлајн и дигитални алатки, а ќе бидат присутни и на традиционалните медиуми.
„За подобра двонасочна комуникација со граѓаните, ќе се организираат средби со целни групи, како и мали трибини во контролирани услови и со точно утврден број на присутни, со целосно почитување на мерките и задолженијата од надлежните институции“, соопштија од СДСМ.
Слични најави за максимална превентива доаѓаат и од другите партии. Нивните активности ќе покажат дали ќе бидат испочитувани ваквите ветувања, во време кога бројката на инфицирани од коронавирусот расте, а со тоа и одговорноста на партиите кои изјавуваа дека приоритет им е здравјето на граѓаните. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР веќе најави дека ќе ги следи и здравствените протоколи коишто се воспоставени.
ФООМ со апел до партиите
Апели целиот процес да се води во услови кои го штитат здравјето на граѓаните почнаа да стигнуваат и од невладини организации. Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) вчера, пред почетокот на изборната кампања до политичките партии упати апел за безбедни услови, за фер кампања и за почитување на демократските вредности.
„Со оглед на фактот дека предвремените парламентарни избори годинава се одвиваат под многу специфични околности, важно е, како никогаш досега, во услови кои ќе обезбедат заштита на здравјето на граѓаните, сите чинители да покажат зрелост, институциите да спроведат фер и демократски избори и со тоа да се оневозможи каква било злоупотреба на изборниот процес. Тоа е уште еден чекор кон целта – исполнување на условите за непречено напредување во преговорите со ЕУ. Од исклучително значење е институциите да обезбедат граѓаните своето право на глас да го остварат во услови кои ќе гарантираат заштита на нивното здравје. Во услови на епидемија очекуваме и политичките партии да се воздржат од организирање настани кои се спротивни на мерките за заштита на здравјето на граѓаните“, се вели во апелот.
Од ФООМ исто така апелират до партиите, во кампањата да се воздржат од говор на омраза и дискредитација по која било основа, како и од пласирање и користење лажни вести. Оттаму посочуваат дека почитувањето на демократските вредности и активниот придонес кон создавање атмосфера на солидарност и поддршка, се неопходни за здравствено, економско и општествено справување со последиците од епидемијата.

Извор: Дв

Back to top button
Close