Борел: Скопје и Тирана очекуваат прва Меѓувладина конференција во јуни
– Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел, во својот редовен блог денеска се осврна на Западниот Балкан и порача дека Европската Унија треба да испорача конкретни мерки за регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефот на дипломатијата на ЕУ предупреди дека во регионот на Западниот Балкан се зголемува националистичката реторика и дека расте фрустрацијата поради недостигот на напредок во европската интеграција.
Борел информира за вечерата која се одржа оваа недела со лидерите од шесте земји од регионот заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и повтори дека од 2018, па до мај оваа година, Западниот Балкан не бил тема на дебата на дневен ред на министрите за надворешни работи на ЕУ.
– Сакав со лидерите од Западниот Балкан да разменам отворено и неформално за нивните предлози за регионот и неговата европска иднина, како и за постратешки пристап кон европската надворешна политика, напиша Борел, додавајќи дека Западниот Балкан се наоѓа на крстопат во однос на интеграцијата на ЕУ.
Тој нагласи дека историјата на регионот покажува дека тој останува кревок и информираше дека Европската Унија изразила страв од „губење“ на Западниот Балкан со оглед на бавниот процес и негативните последици од пандемијата.
Во тој контекст, Борел ја потсетува европската јавност дека Северна Македонија заедно со Албанија очекува одржување на првата Меѓувладина конференција во јуни, додека Косово чека визна либерализација, за која сите критериуми се исполнети и се заложи за продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина во јуни.