Досега во земјава дадени 240.000 дози вакцини
– Заклучно со вчерашниот ден се вакцинирани нешто над 200.000 граѓани, од кои што 40.000 се реавкцинирани, што значи дека досега во нашата земја се дадени 240.000 дози на вакцини, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Во овој момент пријавени и невакцинирани има 150.000 граѓани. Сите пријавени на возраст над 65 години заклучно со 13 мај, ќе бидат вакцинирани до крајот на оваа недела, односно утре. Тоа опфаќа речиси 47 проценти од граѓаните над 70 години, односно речиси 40 проценти од граѓаните над 65 години, истакна Филипче.
Тој најави дека Министерството за здравство подготвува кампањи за вакцинација, во очекување да пристигнат нови дози вакцини.
– Верувам дека граѓаните и натаму ќе покажуваат интерес, како што покажуваат и сега, додаде Филипче.
Во врска со враќањето на интерните клиники во нормална функција, министерот Филипче информира дека медицинскиот кадарот е веќе вратен во своите болници, а во дел од нив во тек е темелно чистење и дезинфекција.
– За нас е среќен ден. Еве се ослободуваат болничките капацитети. Се надевам дека нема да се соочиме со некој нов бран. Спремни сме заради тоа што знаеме како треба и што треба да направиме. Меѓутоа многу битно е што сите овие одделенија се враќаат во своја нормална функција, дека ќе ја работат патологијата која што е нивна автентична, потенцира Филипче. с