Тројца судии од Апелација позитивни на Ковид-19

Тројца судии од кривичниот оддел на Апелацискиот суд се позитивни на новиот вирус Ковид-19, потврдуваат за „Фокус“ од Апелацискиот суд. Според неофицијални информации тројцата судии биле во еден совет, но како се заразиле не се соопштува.

Претседателката на Апелацискиот суд, Лидија Димчевска вели дека судот бил дезинфизициран и дека работи нормално, освен што се одложени јавните седници од кривичниот оддел што биле закажани за наредните две седмици

-Судот работи со сите заштитни мерки. Точно е дека тројца судии се позитивни и се дома со лесни симптоми. Другите кои имале контакт со нив се анкетирани од инфектолог од Центарот за јавно здравје и се во самоизолација додека не поминат 14 дена. Јавните седници од кривичниот оддел закажани за оваа и наредната недела се одложени. Другите судии се на работа и судот не е затворен. Во саботата судот се дезинфицираше, а утре повторно ќе се дезинфицира, вели Димчевска за „Фокус“.

Пред два дена Апелацискиот суд излезе со соопштение дека се одлагаат сите јавни седници и расправи закажани во Кривичниот оддел на Апелацискиот суд Скопје за деновите 24, 25 и 26 јуни 2020 година.

-Дополнително странките и јавноста ќе бидат известени за денот на одржување на одложените седници, стоеше во соопштението, но судот не ги кажа причините зошто се одлагаат седниците.

Иако најмногу проток на странки моментално има во Кривичниот суд, засега од таму велат дека нема потврден позитивен случај на Ковид-19.

Back to top button
Close