Гошев: Нашите политички актери комуницираат на ниво на Хутите и Тутсите

Тие не можат да се согласат ни кое годишно доба е во моментот, а не пак за некое друго прашање, или за иницираната резолуција за црвените линии на Македонија во спорот со Бугарија, вели Петар Гошев, пренесува Дојче веле.
Бугарија е подготвена веднаш да го започне процесот на преговори со Албанија, а со Република Северна Македонија привремената влада се придржува до декларацијата на 44-то Национално собрание и Рамковната позиција на Советот на министри од октомври 2019 година. Ова се црвените линии одобрени од сите политички сили и тие се почетна точка за нашата конзистентна политика, изјави бугарскиот технички министер за надворешни работи, Светлан Стоев, на дебата по повод почетокот на словенечкото претседателство.
За разлика од Бугарија, Македонија со документ ги нема дефинирано нејзините „црвени линии”, а властите вербално уверуваат дека нема, и нема да има никакви преговори за идентитетските прашања.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека партијата ќе предложи Резолуција до Собранието на Република Македонија, која што ќе ги дефинира македонските позиции во преговорите со источниот сосед. Критикувајќи за „пазарџиска дипломатија“, Мицкоски обвини дека патот на Македонија кон ЕУ е закочен поради лошите и неразумни политики на Зоран Заев и СДСМ.
„Резолуцијата ќе претставува црвена рамка за Владата во однос на тоа кои се границите до кои таа и секоја наредна Влада, ќе смее да преговара и да разговара за националните интереси. Следува период во кој граѓаните ќе имаат зрела шанса да го променат ова безредие и да стават крај на разулавените распродажби на државата“, рече Мицкоски.






