Рашковски нема забрана за комуникација, па затоа е одбиен предлогот за притвор, велат од Кривичен
Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, немал забрана за комуникација со други лица опфатени во случајот со набавката на софтверот или забрана за употреба на средства за комуникација, па затоа судиите од Основниот кривичен суд во Скопје го одбиле барањето на Обвинителството тој од куќен притвор да биде префрлен во затворот во Шутка.
Со вакво објаснување денеска излезе Кривичниот суд по вчерашната информација дека судиите го одбиле барањето куќниот притвор да му биде заменет со ефективен.
„Мерката за обезбедување присуство – куќен притвор за осомничениот Д.Р. продолжена со решение на Кривичниот суд, а потврдена од Апелациониот суд, опстојува БЕЗ дополнителна мерка за претпазливост – Забрана за комуникација со лица опфатени со кривично правниот настан или Забрана за употреба на средства за комуникација.
Предлогот на јавниот обвинител за замена на мерката куќен притвор во ефективен притвор е поднесен заради непочитување на конкретната мерка за претпазливост која во критичниот период воопшто НЕ опстојува.
Имајќи ги предвид овие околности, најпрвин судија на претходна постапка, а потоа и Кривичниот совет, водејќи се исклучиво од Законските одредби без да навлегува во ценење на сомневањето на обвинителот дали навистина е прекршена мерка која впрочем воопшто не е определна, донесе решение со кое барањето на обвинителот го одби како неосновано“,
гласи објаснувањето од судот.
Каква комуникација имал Рашковски за обвинителството да бара Рашковски да биде вратен во Шутка, од судот велат медиумите да го прашаат надлежниот обвинител.
Рашковски заврши во притвор на 21 април годинава. Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари остана околу месец и половина откако на 4 јуни, со одлука на Апелација, мерката ефективен притвор му беше заменета со куќен.
Рашковски нудеше и гаранција од околу 500 000 евра за да се брани од слобода, но тогаш Апелацискиот суд во Скопје не ја разгледуваше зошто сметал дека сè уште постои опасноста тој да влијае на сведоците или на истрагата.