Пониква доби признание „Најдоброто на Истокот“ од регионалниот актив на новинари
Планинскиот центар Пониква го доби признанието „Најдоброто на Истокот“ во областа на туризмот, а што го доделува Регионалниот актив на новинари од источниот регион.
На манифестацијата што се одржа синоќа во комплексот „Аурора“ кај Берово, беше нагласено дека во изминатиот период е направен забележлив напредок во развојот и унапредувањето на туристичките потенцијали на Пониква, за што признанието му беше врачено на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
– Упатувам благодарност до Регионалниот актив на новинари од Истокот кој го препозна и го награди нашиот ангажман за развојот на туризмот на Пониква во минатата година. Наградата е силен и дополнителен мотив да ги продолжиме проектите за подобрување на туристичката понуда, а овој дел од Осоговијата да биде привлечен планински центар, истакна градоначалникот Илијев.
Во рамки на вложувањата за развој на Пониква, минатата година беше реконструиран асфалтниот пат во должина од 21 километар, почна изградбата на нов планинарски дом, се рехабилитираа двата ски-лифта, почна реализацијата на проектот „“Планински велосипедски рај“ за изградба на патеки за авантуристички велосипедизам. Освен тоа, Владата донесе одлука со која Осоговските Планини се прогласени за заштитено подрачје со што се зачувува богатиот биодиверзитет и пределската разновидност.