ВМРО-ДПМНЕ го потценува Ковачевски, што може скапо да ги чини
Офанзивата со навреди и омаловажувања што опозицијата, во првата минута по неговиот избор за преседател на СДСМ, ја презема против Димитар Ковачевски, ги има сите карактеристики на една потврдено погрешна политика што често се практикувала во Македонија. Наместо барем, за почеток, да му честитаат на изборот, па евентуално потоа карактерно и политички да го масакрираат, ВМРО-ДПМНЕ побрза официјално, во партиско соопштение да го окарактеризира новиот претседател на СДСМ како „пион на Заев“, како „спроведувач на заевизмот“, како продолжувач на корупцијата и разните други континуирани катастрофи од критичкиот регистер на „Белата палата“. Дури и самиот начин на директни општопартиски избори во СДСМ, во конкуренција на двајца противкандидати на Ковачевски кои не оставија впечаток дека се таму само заради однапред договорена парада, опозицијата го окарактеризира како внатрепартиски „театар“ и „фарса“.

Претпоставувам дека не сум единствениот кој ги памти прославите во СДСМ кога се избра Никола Груевски за наследник на Љубчо Георгиевски. ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше во длабока, разновидна криза, а на Груевски – дури и меѓу многумина, ако не и повеќето, кои конгресно го гласаа во неговата партија – се гледаше само како на привремен „грејач“ на фотелјата, додека Георгиевски не реши да се врати на партиското кормило. Со таков нов лидер на опозицијата, тогашното СДСМ беше убедено дека ќе владее уште стотина години. „Господ да го поживее!“, беше најсериозниот политички коментар на неговите идеолошки опоненти…
И, Господ навистина и го поживеа, не само повеќе од десет години набрзо по доаѓањето на власт, туку до ден денеска, откако падна и од власта, а и од моралниот пиедестал на доживотна инспирација за лидерството во ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа следуваше изборот на неговиот наследник, Христијан Мицкоски, како нов повод за славје во СДСМ. И со него на чело на опозицијата, власта на Заев мислеше дека уште стотина години ќе владее со македонската држава. Што е право, неколку години така мислеа и многумина во неговата прилично распадната партиска структура. Реставрацијата на партиската власт во ВМРО-ДПМНЕ од страна на Мицкоски е прилично свежа, а и не многу демократска афера, но на последниот изборен партиски конгрес некни – е, тоа навистина беше впечатлив, добро режиран театар – Мицкоски со само две неважечки ливчиња (третото е негово, бидејќи наводно не гласал за самиот себе) акламативно го обезбеди новиот партиски претседателски мандат, со надеж ВМРО-ДПМНЕ наскоро да го врати на власт во државата.
…
Колумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја тука






