Нашите мили Европејски шупци!

После вчерашните заклучоци на Советот на ЕУ за новото одлагање на почетокот на пристапниот процес за интеграција на земјава во Унијата („што е можно поскоро“ – уууу, еве европска празна фраза што до сега не е чуена!), Македонија по којзнае кој пат ќе си продолжи во продлабочување на внатрешната политичка криза, со сите познати и добро натапкани патеки на споро, но неумоливо тонење кон дното. Додека во месеците што доаѓаат домашните експерти за евроинтеграции и стручњаците за политичка метеорологија ревносно ќе ги толкуваат точките и запирките во јаловите европски документи и повремените лидерски изјави за пријателство и искри на надеж – од тие камења ние цедиме вода за преживување веќе три полни децении – политичката дебата полека ќе се движи кон радикализирање на реториката, барањата, махинациите и пазарењата во домашниот политички театар.

Ќе одиме на спиење со најновите контроверзии што разно-разни политички дејци ќе ги презентираат по вечерните телевизиски дебатни емисии, ќе се будиме со партиски соопштенија со деманти и контра-деманти, па околу пладне до доцна попладне ќе се изредат прес-конференциите на сите кои имаат некого или нешто да исплукаат од спротивниот табор, за вечерта повторно да се преселиме по телевизиските студија во емисии кои сѐ помалку гледачи ги гледаат, а сѐ повеќе портали штуро ги интерпретираат и искривуваат, за од сабајле да може свежо да се демантираат… Бла-бла-бла-бла.

На прв поглед, ситуацијата делува депресивно. На втор поглед, уште побезнадежно. Но…

Но, животот продолжува понатаму. На начин што можеби оние кои имаат помали деца, или се сеќаваат на тие денови (макар и со сегашните внуци и внуки), ќе ме сфатат што сакам да кажам: поголем дел од времето не можеш да разбереш како си бил толку глупав, тотален морон, што ти требало да ги правиш или раѓаш, да си ја растуриш бескрајната удобност и личната слобода во сопствениот живот, со сите секирации, трчања и нервози – и, да, само растечки ужасни трошоци! – што ги произведуваат тие мали, неуморни, размазени, безмилосни, егоистични и беспомошни суштества, тие зомбија што се програмирани како зли џуџиња да ти го упропастат секој божји ден откако се родени… А, потоа, одвреме-навреме, можеби и ретко, но редовно, ќе светне некоја нивна бесценета насмевка, детска гушка или невина солза, кикот, некој блескав бисер со некоја мала глупост што ќе те одземе од смеење, ќе те направи да ги изедеш, да ги здробиш од љубов, така ќе ти го осмислат и часот и денот и животот, што нема грижа донесен од работа, животен партнер со кого одамна само се трпите (или „варате“) или глупак на дебатна политичка емисија што може да ти го расипе расположението!

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close