Слобода без правда

Што и да напишеш за Зоран Заев во неделата кога си даде оставка од премиерската функција, ризикуваш да те обвинат или дека го браниш, или дека го напаѓаш. Трето нема. Тоа е болката на нашата јавност – или некого некритички го сакаш, или некритички го мразиш. Затоа е тешко објективно да се согледа дури и неговиот последен гест – оставката.
Рече дека ќе си замине и еве, си замина. А можеше ладно да си владее уште две години, особено сега, откако уште еднаш обезбеди парламентарно мнозинство. Заев направи едно чудо грешки и даде спорни изјави. Но сепак, како политичар обележа еден клучен период во историјата на македонската држава. Со свој личен напор го реши триесетгодишниот спор со Грција и ја внесе државата во НАТО.
Како Македонци, со македонски јазик. И со Македонија во името на државата. Не беше лесно. Оти, не само политичката кариера, туку и животот му беше загрозен. Сепак, едната главна цел – НАТО, ја исполни. Втората цел – датум за почеток на преговори со ЕУ не ја исполни, не по негова вина. За тоа, кабаетот е во Европската унија. 2Но дома, донесе слобода, ама не донесе правда.
А дојде со слоганот „Нема правда нема мир“. Бројчаникот за вратените украдени пари на Порта Македонија што лично го донираше, ниту еднаш не заврте. Најлошиот дел од неговото владеење е дека државата остана заробена од партијата.
А не се ни обиде тоа го смени. Викаше: „Да не дозволиме ова зло никогаш да се повтори“. Ама, не направи систем кој ќе биде ефикасен тоа зло никогаш да не се повтори. И не успеа да се справи со корупцијата. На пример, од еден шоумен од калибарот на Боки 13 направи фактор во државата. Медиумски могул со круна на главата кому му се поклонуваше цела влада, судии, обвинители и специјални обвинители.
Не знам дали избра да ги слуша само тие што го величаа, или едноставно си мислеше дека „дома ќе биде полесно, отколку со Ципрас“, но остана мистеријата зошто беше спремен дури и да се скара со добронамерните и некористољубивите кога требаше да ги одбрани неспособните и хохштаплерите закачени околу него. Колку ли го имаа задолжено за да им ги штити бизнис интересите? Му го јадеа кредитот што лично сам им го имаше дадено.
Ама, за тоа никој не му е крив. Тоа беше негов избор – да ги носи на своите плеќи и нивните криминали. Си замина од премиерската функција сосе нивниот кабает. Ама им остана лојален до крај. За разлика од оној што избега во Будимпешта, кој не ги ги остави само братучедите и најлојалните блиски соработници да седат по затвори за сè што му текнуваше, туку ги напушти и сопствените малолетни деца.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.мк






