Арсовска му поднесе кривична пријава на ексдиректорот на МКЦ за новогодишната прослава пред две години
Кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал поднесе Градот Скопје против поранешниот в.д. директор на МКЦ, Русе Арсов. Од градот велат дека пријавата е поднесена по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за поведување постапка за утврдување одговорност поради неприменување на одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за дочек на Новата 2020 година.
„Арсов, во својство на в.д. директор на МКЦ-Скопје, на 14 декември 2019 година, објавил јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за дочек на Новата година, додека критериумите за избор на најповолна понуда, со определени бодови од јавната установа, биле донесени на 18 декември, односно по објавување на јавниот повик, и истите не се составен дел на јавниот повик. Поради необјавувањето на овие критериуми, потенцијалните учесници на јавниот повик не биле информирани на кој начин ќе се врши доделувањето на бодовите и изборот на најповолна понуда. На објавениот јавен повик се пријавил еден единствен правен субјект и тоа на здружение Дирекција за култура и уметност од Скопје, при што на 19 декември Комисијата за избор на коорганизатор утврдила дека апликантот ги исполнува условите предвидени во конкурсот. Притоа, во записникот не е извршено поединечно бодување, односно не е нотирано за кој критериум колку бодови се доделуваат, туку бодовите се доделени збирно за критериумите од двата дела и од можните 60 бодови определени за критериумот – квалитет на проектот, на учесникот му се доделени 50 бода при што не може да се утврди по колку бодови за секоја ставка од овој критериум се доделени – информираше на денешната прес-конференција Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.
Според Апостолоски, во понатамошната постапка Арсов, како в.д. директор на ЈУ МКЦ, на 20.12.2019 година склучил договор со здружението Дирекција за култура и уметност – Скопје, со што постапил спротивно на Законот за јавни набавки и овозможил настанот да се организира надвор од пропишаната законска регулатива.
„Во врска со оваа постапка од ДКСК е побарано од град Скопје да се изврши ревизија во однос на спроведувањето на одредбите од договорот склучен помеѓу град Скопје и МКЦ, со оглед дека ДКСК постапувала по пријава и оформила предмет за испитување на сите наводи. По испитувањето на сите наводи и прибавени информации од ДКСК од многубројни институции, како што се Бирото за јавни набавки, Управа за јавни приходи и сл., констатира дека поранешниот в.д. директорот на ЈУ МКЦ, Русе Арсов, не ги применил одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на јавен повик за избор на коорганизатор на активностите и ја злоупотребил својата службена положба, поради што и поднесовме кривична пријава за утврдување на негова кривична одговорност – додаде Апостолоски.
Станува збор за новогодишната прослава пред две години, кога на плоштадот во Скопје настапи пејачот Дино Мерлин и други групи. Како што извести Антикорупциската комисија, тогашната новогодишна прослава чинела околу 240 илјади евра, од кои околу 154 илјади евра се платени од градскиот буџет. Хонорарот од околу 84 илјади евра за настап на Дино Мерлин бил обезбеден од приватни спонзори, а не од буџетот на Градот и тој не влегува во сумата платена за организација на прославата
Во своето образложение, од МКЦ се повикале на исклучоци во Законот за јавни набавки, ама од ДКСК велат дека исклучокот не се однесува за набавка на техничка опрема и за ова требало да се спроведе постапка за јавна набавка.