Доблест
Почитувани читатели, денес ќе споделам со вас размисли кои се типични за човештвото. Ние, луѓето кои живееме на планетата Земја, имаме впечаток дека сме најинтелигентни суштества во целата флора и фауна. Дали е тоа точно или не, незнам, бидејќи пратејќи го сиот растителен и животински свет на планетата која ја населуваме, многу работи учиме за флората и фауната и заклучуваме дека и во тој свет постои начин на комуникација, воспоставување релации и градење заедници. Нема многу да должам, само ќе ја споменам комуникацијата на китовите во океаните, птиците во нашето опкружување, нашите домашни миленичиња. Човекот во своето постоење на Земјината топка има свој еволутивен развој, особено во оформувањето на карактерните црти кои што треба да ги инкорпорираме во себе само со една единствена цел – да имаме здрав, достоинствен и исполнет живот. Од насловот на колумната токму сакам да ги потенцирам основните особини кои треба да го красат модерниот човек, говорам за денешни времиња, а сум убеден дека тоа треба да биде правило и за во иднина.

Во секојдневието, често кога сакаме да направиме комплимент за одредени однесувања од нашето опкружување и во општеството, го именуваме човекот како доблесен. Што подразбираме под доблесен човек? Бидете убедени дека ова се само мои размисли. Тоа се луѓе наоружани со знаење, умеење и желба да создадат опкружување и секојдневие кое ќе биде благородно и исполнето со квалитети кои ќе бидат полезни за сите. Да умееме да се радуваме, да умееме да се смееме, да умееме да тагуваме, да умееме да работиме, да умееме да бидеме хумани, солидарни да умееме да комуницираме со нашите блиски, познати и непознати на начин што нема да биде навредлив, туку достоинствен. Доблесниот човек никогаш не би требало да биде обликуван од секојдневните товари, искушенија и предизвици, особено кога тие предизвици се поврзани со материјалната сигурност во денешниов реален свет.
Секој поединец на Земјината топка има цел пред себе. Тие цели кај нас луѓето се различни. Доблесниот човек ги користи сопствениот ум и интелект, ги почитува законите и правилата на функционирање во општеството. Доблесниот човек никогаш нема да дозволи, без разлика на неговото место во целиот општествен систем, да ја користи функцијата и правилата што важат во општеството за свои лукративни интереси. Без трошка на срам и снебивање ќе кажам дека јас се чувствувам како доблесен човек. Убеден сум дека има многумина како мене кои помалку или повеќе стигнуваат до своите цели на чесен и примерен начин, согласно правилата предвидени со законите кои владеат во заедницата.
Сведоци сме денес дека Македонија е рангирана на 87 место од сите земји на Земјината топка по степенот на корупција и организиран криминал. Овие девијантни појави кои денеска ги чувствуваме сите ние, граѓаните на Република Македонија се креирани и реализирани од луѓе кои токму го изгубиле компасот и ги изгубиле доблесните особини да се биде човек, а уште повеќе човек на висока општествена позиција, наоружан со знаење и искуство како да ја издигне државата на многу повисоко ниво, а со тоа да им обезбеди на граѓаните сигурен и достоинствен живот.
Анализирајќи ја севкупната состојба во РМ од нејзиното осамостојување и политичарите кои продефилираа во овие три децении со исклучок на поединци не успеав да пронајдам личности кои на Македонија ќе ѝ дадат просперитет и безбедност. До кога ќе бидеме заложници на дневно-политичките лукративни игри на политичката сцена во Македонија и ќе дозволиме да нѐ водат во комплетнa неизвесност. Тоа е прашање кое секојдневно си го поставувам, а претпоставувам и многумина од вас бараат одговор на ова прашање. По мое длабоко убедување, генезата за генерирање на политичари кои треба да ја водат државата лежи токму во Изборниот законик. Токму тука ја барам доблеста од актуелните политички лидери да преземат конкретни чекори во промена на Изборниот законик според кој Македонија како унитарна држава треба да биде една изборна единица и со предлог за претеници од слободни листи.
Почитувани читатели, го искористив просторот само да споделам размисла со вас, а вие делувајте согласно вашите разбирања и потреби.
Tрифун Костовски






