Сојузот на синдикати најавува генерален штрајк ако нема линеарно зголемување на платите

Од ССМ велат дека трпението е при крај и дека ако не се исполни даденото ветување, единствената опција е да се оди на генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) не ја исклучува можноста за генерален штрајк доколку не се исполни нивното барање за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари и не остварат средба со премиерот и надлежните министри.

Тие во понеделникот побараа да се сретнат со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министрите за финансии и за труд и социјална политика, Фатмир Бесими и Јованка Тренчевска, бидејќи, како што тврдат, во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за оваа намена.

Од ССМ велат дека трпението е при крај и дека ако не се исполни даденото ветување, единствената опција е да се оди на генерален штрајк.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, во изјава за МИА вели дека доколку наскоро не бидат повикани на разговор во Владата, тогаш претседателството и Советот на ССМ, како највисоки тела на Синдикатот, ќе дадат упатство до гранските синдикати за организирање на генерален штрајк.

Back to top button
Close