Потпишана декларација „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“

„Сеопфатното сексуално образование ќе им овозможи на младите да се стекнат со знаења, вештини, ставови и вредности кои ќе ги поттикнат да ги ценат своето здравје, благосостојба и достоинство; да развијат социјални и сексуални врски базирани на меѓусебно почитување; да разберат како нивниот избор влијае на нивната благосостојбата и на благосостојбата на другите и да ги знаат и штитат правата во сферата на сексуалното и репродуктивното здравје.“  (УНЕСКО, 2018 г.)

  • Имајќи предвид дека бројот на малолетничките породувања во Република Северна Македонија е речиси трипати поголем од земјите на Европската Унија;
  • Ако се знае дека младите во нашата земја соопштуваат дека релативно порано стапуваат во прв сексуален однос за разлика од своите врсници од западноевропските земји;
  • Имајќи предвид дека Република Северна Македонија е на едно од последните места во Европа по користење на современа контрацепција со само 14 % од младите на возраст од 20 до 24 години кои користат некое современо контрацептивно средство, додека најголем дел (36 %) се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како метод на заштита од непланирана бременост;
  • Ако знаеме дека 52 % од нашите девојчиња на 15-годишна возраст и 29 % од момчињата на иста возраст страдаат од повеќе психосоматски симптоми истовремено, повеќепати неделно;
  • Знаејќи дека 50 % од младите на 15-годишна возраст од паралелки на албански наставен јазик и 25 % млади од паралелки на македонски наставен јазик ги прифаќаат традиционалните родови улоги, како на пример, дека мажот треба да биде авторитетот во семејството, а жената да се насочи да биде добра мајка и сопруга за сметка на напредување во кариерата;
  • Ако се знае дека во Република Северна Македонија младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и дека младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници;
  • Земајќи ги предвид националните заложби на Република Северна Македонија за воведување на сеопфатно сексуално образование дадени на Самитот во Најроби (2019) и на Форумот за генерациска еднаквост во Париз (2021), за суштински и на долг рок да се осигури заштита на здравјето и благосостојбата на младите;
  • На крај, поздравувајќи ја одлуката на Владата на Република Северна Македонија донесена на 162-та седница за воведување пилот-програма за сеопфатно сексуално образование во 9-от степен на основното образование, во согласност со презентираната информација на Министерството за образование и наука;
  • Но и нагласувајќи ја загриженоста од сè поголемото пласирање на лажни и манипулативни содржини во јавниот простор против сексуалното образование, со што се наштетува на можноста преку воведување ССО да се унапреди добросостојбата на децата, а се зајакнуваат родовите стереотипи и се поттикнува поголема омраза и дискриминација кон жените и други ранливи групи на граѓани во државата, некарактеристични за демократските и инклузивни општества,

Ние, долупотпишаните стручни здруженија и организации, бараме од Владата на Република Северна Македонија и од Министерството за образование и наука, согласно дадените политички заложби и надлежности, да осигурат дека секое дете во државата ќе може да го ужива своето право на сеопфатно сексуално образование и да стекне вистински знаења, ставови и вештини за заштита на своето здравје, благосостојба и достоинство, односно:

  • Воведување на сеопфатното сексуално образование како изборен предмет за учениците од 9-то одделение во основното образование, темелено на научни и медицински факти и соодветно на возраста на децата, а кое е во согласност со принципите на Концепцијата за основно образование за родово-сензитивно и инклузивно образование;
  • Организирање и спроведување на информативни кампањи за подигнување на свеста на јавноста за здравствените, емоционални  и социјалните придобивки за децата од учењето за сеопфатното сексуално образование;
  • Континуирано инвестирање во знаењата и вештините на наставниците од основните училишта заради ефикасно спроведување на изборниот предмет по сеопфатно сексуално образование;
  • Креирање на посебни и инклузивни програми и механизми за заштита од насилство и дискриминација врз децата во основните и средните училишта.

 

Потписници:

  1. Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ, Скопје
  2. Здружение на лекари Албанци
  3. Здружение на лекари по општа медицина – семејна медицина
  4. Институт за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива
  5. Коалиција Маргини
  6. Македонско здружение на гинеколози и опстетричари
  7. Македонско здружение на млади правници
  8. Македонско лекарско друштво – МЛД и стручно-специјалистички здруженија при МЛД
  9. Психолошки центар – Алтернатива
  10. Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија
  11. Субверзивен фронт
  12. ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
  13. Хелсиншки комитет за човекови права
  14. Центар за психосоцијална и кризна акција – Малинска
  15. Центар за семејна медицина при Медицински факултет

Back to top button
Close