Ретките карциноми и не се така ретки, регистерот на карционими во државата на незадоволително ниво

Регистрацијата на карциноми во Северна Македонија е на незадоволително ниво, поради тоа сè уште не постојат конкретни податоци околу бројот на заболени лица со гинеколошки карциноми во државава.

Ова беше истакнато на денешната прес-конференцијата по повод Светскиот ден за гинеколошките карциноми, што се одржа во Деканатот на Медицинскиот Факултет во Скопје, а на која учествуваа еминентни доктори меѓу кои професорот д-р Глигор Тофоски од Медицинскиот факултет во Скопје, проф. Жан Калеја Агуис од Медицинскиот универзитет од Малта, проф. Шерон О’Тул од Даблин и проф. Клејда Харасани од Албанија.

Професорот Тофоски рече дека очигледно е потребна систематска активност со цел да се реши проблемот со регистрацијата во државава.

-Во делот на статистиката би кажал дека регистрацијата на карциноми во Македонија е на незадоволително ниво и не може со сигурност да кажеме ниту околу бројката ниту околу типот на карциноми кои постојат. Одамна се зборува за формирање национален систем на карциноми, меѓутоа очигледно е потребна систематска активност со цел да се реши проблемот, изјави Тофоски.

Калеја Агуис од друга страна, истакна дека во земјите кои се економски недоволно развиени пристапот кон ретките гинеколошки карциноми е потежок.

-Бидејќи овие ретки болести се ретки, тие што имаат поотежнат пристап од социјално-економски аспект секако дека се потешки за дијагноза. Ако некој доаѓа од екононски неразвиена земја има потежок пристап, потешко ќе се дијагностира и потешко ќе добијаат квалитетна услуга за нивното лекување, рече Калеја Агуис.

Стручните лица информираа дека овие болести се јавуваат повеќе кај млади жени и девојки, па дури и пред пубертет, и според Агуис, ова е понекогаш уште потежок проблем во однос на дијагностиката и справувањето.

-Ако се работи за честа појава нерегуларни менструални периоди, вообичаено може да се смета како чест проблем и не се обрнува вмимание, но можеби тука да лежи и состојба на редок гинеколошки карцином кој може да придонесе додека да се постави дијагнозата веќе да постои ширење на карциномот, алармира Агиус.

На глобално ниво приближно 18,5 милиони жени годишно се заболени од гинеколошки карцином, а скоро на секои пет минути, згаснува живот на една жена. Според стручните лица, овие податоци се аларм за потребата од подигнување на свеста за важноста и грижата за репродуктивното и сексуалното здравје на секоја жена, како и значењето на раната дијагноза и навремениот третман на ретките гинеколошки карциномиКако што беше истакнато, ретките гинеколошки карциноми ретко добиваат внимание од науката, во клиничките истражувања и здравствената политика. И во таа насока поддржани од „European cooperation in science and technology“, (COST), во периодот од 18 септември до 20 септември, „Македонското Лекарско Друштво“ (МЛД) и „Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари“ (МАГО), ќе бидат организатори на меѓународната работилница наменета за доктори, специјализанти и специјалисти од повеќе медицински области, именувана “Updates on Rare Gynecological Cancer: Focus on Pathological Aspects and Beyond”.

-Ние успеавме да собериме околу 200 учесници кои доаѓаат од повеќе од 30 земји, поголемиот дел се европските земји, меѓутоа има и учесници од Африка. Овој настан е важен, бидејќи е можност да ги споделиме нашите извори и материјали и да учиме едни од други. Ги споделуваме алатките и знаењата за да се справиме полесно со ретките болести, истакна Шерон О’Тул.

Во рамки на работилницата ќе се одржи и виртуелна промоција на книгата „Telemedicine in Therapeutic Assistance particularly in Oncology” во соработка со Медицинскиот универзитет од Болоња, Италија.

Целта на работилницата е мултидисциплинарниот пристап, вмрежувањето и споделување на знаења меѓу учесниците.

 

 

Back to top button
Close