Животот е песна

Централната прослава на 11 Октомври, Денот на народното востание против фашизмот се одбележува уникатно. Неколку години, делегациите не положуваат цвеќе пред споменикот Македонка на Спомен-костурницата во Куманово каде лежат коските на над 300 борци, туку – зад споменикот. Претседатели, премиери, министри доаѓаат секоја година да им се поклонат на борците што во антифашистичкатата војна загинале за слободна Македонија, а не гледаат дека целиот споменичен комплекс се распаѓа. Па власта се досетила како да скрие дека е украден дел од бакарниот релјеф, нема една плоча со имињата на паднатите борци, а патеките и тревните и цветни површини што водат до споменикот се уништени. Затоа, многу нелогично, како што се пожалија од Сојузот на борци, делегациите доаѓаат одзади, а и целата претстава сосе говоранции и музика се одвива зад грбот на Македонка. Одзади колку-толку плочникот е во добра состојба, па уште и кога ќе му фрлиш згора една црвена патека, таман е за да се покрие срамот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска најави дека Министерството за 2023 година подготвува „еден вид национална стратегија за реставрација, освежување и секаков вид поправки на спомениците од Народноослободителната борба и војната против фашизмот“.
Добога, зарем треба стратегија за одржување на споменици? Зошто едноставно, Општините не се грижат за спомениците што се на нивната територија? Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не гледа во каква состојба е и споменикот и околината на комплексот. Зарем национална стратегија треба за косење трева, лепење плочки, садење цвеќиња и чуварска служба? Нели, Прилеп и Куманово се конкуренција каде пукнала првата пушка? Изгледа во Прилеп била, оти таму Могилата на непобедените е средена. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска од прозорецот на својот кабинет може да види дека постаментите од кои се украдени бистите на Никола Вапцаров и Коле Неделковски веќе две недели лежат урнати во Градскиот парк. И таа ја чека стратегијата на Бисера.
Распадната е и куќата во село Подвис, Кичевско, каде на првата ослободена територија партизаните организирале настава за децата од Копачијата на македонски јазик. Ова се случило на 23 септември 1943, речиси цела година пред АСНОМ. Останата е само спомен-плочата што е продупена со ловџиски куршум, што некој ја засолнил во визбата. Куќата е заведена како културно наследство во 1978 година.
Јас не знам држава која толку немарно се однесува кон своите споменици. Многу пострашно е тоа што и централната и локалните власти безгрижно оставија да се распаднат спомениците на антифашистичката борба, кои не се само ретки архитектонски и уметнички дела, туку и паметници за суштината на македонската државност извојувана од антифашистичките борци.
Додека ја чекаме стратегијата и координацијата на четири институции во 2023, Споменикот на слободата во Кочaни во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до народноослободителната борба, ќе се реставрира со грант од 254.300 долари од Амбасадорскиот фонд на САД. Откако со Амбасадорскиот фонд ни ги изреновираа античките и средновековните споменици, сега Американците решија да ни ги реновираат и спомениците од Втората светска војна. Изгледа дека тие имаат повеќе свест за значењето што антифашизмот го има за нашата држава отколку сите наши власти заедно. Особено во овој момент.
Целата колумна на Горан Михајловски тука






