ЕСЕ: Наместо да го зголеми буџетот за скрининг на рак на грлото на матката, државата го намалува

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените нагласуваат дека поради недоволните буџетски средства и несоодветната организираност во 2021 година, со скрининг на рак на грлото на матката се опфатени само 22 отсто од жените од целната возрасна група, што, како што додаваат, е многу далеку од опфатот во државите на ЕУ кој изнесува над 75 проценти од жените

Со цел намалување на стапката на откривање на рак на грлото на матката во напредна фаза и намалување на смртноста, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) бара итно зголемување на буџетот на програмата за скрининг за ова заболување. Дополнително, оттаму бараат зголемени активности за едукација на жените, како и посебни активности на ниво на заедница за жените од ранливите групи.

Оттаму додаваат дека Владата го намалила буџетот за програмата за рана детекција на малигни заболувања во 2023 година за два милиони денари во однос на претходната година.

„На крајот од јануари, програмата за рана детекција на малигни заболувања сè уште не е објавена во ‘Службен весник’ на РСМ, што значи дека сè уште не се знаат ниту планираните активности ниту целната возрасна група на жени кои треба да бидат опфатени со скринингот“велат од ЕСЕ.

Од Здружението нагласуваат дека поради недоволните буџетски средства и несоодветната организираност во 2021 година со скрининг на рак на грлото на матката се опфатени само 22 отсто од жените од целната возрасна група, што, како што додаваат, е многу далеку од опфатот во државите на ЕУ кој изнесува над 75 проценти од жените.

„Во 2022 година Министерството за здравство го укина праќањето покани до жените за да направат гинеколошки преглед со ПАП-тест и ја воведе интернет-платформата skrining.mk за жените сами да се пријавуваат за преглед со ПАП-тест. Но, се поставува прашањето дали оваа мерка претставува унапредување или уназадување на програмата за скрининг. Согласно изјавите од Министерството за здравство во 2022 година, на само 12 194 жени им е направен ПАП-тест по пат на закажан преглед преку интернет-платформата, што претствавува само 10 отсто од целната возрасна група“посочуваат од Здружението.

Од Здружението наведуваат дека закажувањето прегледи по дигитален пат може да биде пречка, особено кај ранливите категории на жени. Во таа насока, истражувањето на ЕСЕ од 2022 година покажало дека само 24 отсто од жените од руралните средини и 16 проценти од жените Ромки имаат потполна можност самостојно да закажат гинеколошки преглед по електронски пат. На оваа состојба, како што додаваат оттаму, влијае можноста за пристап до интернет и до дигитален уред, како и нивото на дигитална писменост.

„Во Северна Македонија секоја година умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, додека над 350 жени годишно се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење поради тоа што болеста е откриена во напредна фаза. Поразително е сознанието дека сите овие смртни случаи и лекување со агресивни третмани може да се спречат доколку промените бидат навремено откриени. Но, наместо државата да ги зголемува финансиските средства и да го зголемува опфатот на жените со програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, бележиме кратење на буџетските средства за оваа намена“заклучуваат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

Back to top button
Close