Зошто германските Турци гласаат за Ердоган?

На претстојните избори во Турција за актуелниот претседател Ердоган ќе биде многу тесно. Но, ако се прашаат германските Турци, Ердоган би победил. Што се крие зад неговата популарност меѓу Турците во Германија?

Нов претседател и нов Парламент на 14 мај ќе избираат не само од Турците во Турција, туку и од турските граѓани ширум светот, вклучително и во Германија, каде што живее најголемата турска заедница надвор од матичната земја.

Според официјалните податоци на Федералната канцеларија за миграција и бегалци, пред пет години во Германија живееле 2,8 милиони жители со турско мигрантско потекло. Околу половина од нив се уште имаат турско државјанство.

Веќе од 27 април до 9 мај тие можат да го дадат својот глас во едно од 14-те турски дипломатски претставништва во Германија. Генералниот конзул Турхан Каја во изјава за Дојче Веле вели дека се уште не може да зборува за детали од изборниот процес, бидејќи се уште трае процесот на одобрување од страна на германските власти.

На овие избори долгогодишниот владетел Реџеп Таип Ердоган би можел да загуби. Негов противкандидат е Кемал Киличдароглу, политичар на кемалистичко-секуларната Републиканска народна партија (ЦХП), кој ужива поддршка со широк спектар на политиката и општеството.

 

Силната база на Ердоган во Германија

Но, кога станува збор за гласовите на германските Турци, Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) можат да сметаат на чиста победа.

Метин Сирин живее во Келн веќе 43 години. Работел во фабриката Форд четири децении и бил активен член на синдикатот. Тој и претходно гласал за Ердоган, а како што вели за Дојче Веле, планира и сега тоа да го направи: „Во текот на изминатите 20 години, моите симпатии кон АКП станаа се поголеми“.

„Луѓето со турско потекло во Германија главно гласаат за Ердоган. Ова е реалност“, објаснува Јунус Улусој од Центарот за турски студии и истражување за интеграција на Универзитетот во Дуисбург-Есен. Тој како пример наведува дека 64,8 отсто од германските Турци гласале за Ердоган на претседателските избори во 2018 година, додека за него гласале 52,6 отсто од гласачите во Турција.

Сепак, на Ердоган не му е толку јасна целата турска дијаспора. На истите избори во 2018 година во САД тој освои само 17 отсто од гласовите таму, 21 отсто во Велика Британија, 35 отсто во Иран и 29 отсто во Катар.

 

Германско-турско изборно балансирање

Тоа како гласаат германските Турци во самата Германија наидува на критики. Многумина се прашуваат како можат да гласаат за социјалдемократите и зелените во Германија, а за исламско-конзервативната АКП во Турција?

За Метин Сирин тоа е сосема рационална изборна одлука. Тој вели дека тоа е дури и знак за тоа колку конзервативните турски гласачи во Германија се отворени за промени и колку малку се фанатични: „се разбира луѓето ја избираат партијата што ги застапува нивните интереси. На тоа треба да се гледа позитивно“.

Слично гледаат и политичките аналитичари: „Се разбира, и како странец, гледаш која партија ти е блиска. Порано прашањето беше: ЦДУ или СПД? Тогаш Турците во Германија беа главно работници, па социјалдемократите со нивната меѓународна ориентација им беа поблиски од конзервативните демохристијани“, оценува Улусој.

 

Фасцинација со Турција

Првите Турци дојдоа во Германија како гастарбајтери во шеесетите години на минатиот век, најмногу од рурално-конзервативна Анадолија. „Кога луѓето се иселуваат од некаде, тие сепак и натаму ги развиваат вредностите што ги донеле со себе. Нивните конзервативно-религиозни ставови дополнително се зачувани токму во дијаспората“, објаснува Улусој.

Важен фактор за одлуката на Сирин да гласа за АКП е „развојот на Турција под водство на Ердоган“. Како што истакнува, „развојот на неговата татковина во толку многу различни области, здравството, транспортот, одбраната го прави многу среќен“.

Тој дури ја споредува Турција со поранешна Германија: “Кога дојдовме овде, бевме фасцинирани од Германија. Државните служби, болниците и автопатите беа навистина за восхит. Постојано ни беше жал што не можевме да видиме ништо слично во Турција. Во изминатите 20 години, меѓутоа, гледаме дека нашите болници и автопатиштата се на светски ниво“.

И конзуларните услуги, како и правата на Турците во дијаспората, значително се подобрија за време на Ердоган, вели Сирин, а наведува и пример за служењето воен рок што може да се „откупи“: „Порано моравте да платите многу, но повторно да одите во војска. Денеска веќе не мора да одите во војска, а плаќате многу помалку. Тоа е големо достигнување за кое можеме да и се заблагодариме на АКП. Затоа тие ја имаат мојата поддршка“. Освен тоа, вели тој, од 2014 година турските граѓани можат да излезат на избори во турските дипломатски претставништва во странство, што претходно не беше можно.

 

Никој не се грижи како гласаат Италијанците

Многу Германци не се ни обидуваат да ја разберат изборната одлука на конзервативните германски Турци, истакнува Улусој. Нивното изборно однесување може да биде „идеолошки оценето или оцрнувано“, но може и да се обидеме да разбереме зошто гласаат така. Со тоа, според неговите зборови, тука е и фокусираноста на германската јавност на турската заедница.

При тоа, тие не се единствените странци кои живеат во Германија, истакнува Улусој, потсетувајќи дека има и голема италијанска заедница со право на глас: „Во Италија на власт дојде десничарска популистичка влада, но никој во германската јавност не знае како гласале Италијанците во Германија. Никого тоа не го интересираше“.

Ердоган, се чини, ја пополнува празнината што ја остави германската држава меѓу германските Турци. Според Улусој, сè уште е „тешко за германската политика да ги препознае овие луѓе и да им каже: „Вие сте дел од оваа земја, без разлика дали сте основач на Бајонтек или можеби сте еден од оние млади луѓе кои учествувале во немирите за Нова година. Дури и ако сте згрешиле, вие сте дел од нас.“ И токму тоа им го вели Ердоган: „Каде и да сте, какво и да имате државјанство, вие сте дел од нас“.

Социологот Сабрина Мајер има слично мислење: „На Ердоган му беше лесно да се обрати на дел од луѓе со турско потекло кои сакаа да бидат почитувани поради нивното потекло“, изјави за Дојче Веле професорката на Универзитетот во Бамберг. Поради политиката на германската влада, тие Турци не можеа „да развијат чувство дека се дел од германското општество“. Проф. Мајер потсетува дека за Турците долго не бил поедноставен процесот на стекнување германско државјанство, за разлика од другите имигрантски групи, на пример од Русија.

 

Гласање од инает

„Таквите фактори доведуваат до тоа луѓето што живеат овде од третата генерација да гласаат за Ердоган од инает“, вели Улусој. Тоа го потврдува и симпатизерот на АКП од Келн, Метин Сирин.

А каков и да е исходот од изборите на 14 мај, Сирин во секој случај ќе го искористи своето право на глас и фактот што е политички застапен: „Иако живеам во Германија 43 години, овде не можам ни да гласам на локални избори. Чувствувам дека сум исклучен и тоа ме растажува. Турција, сепак, ни дава право да одиме на избори. Горд сум на тоа што можам и јас да одлучувам за нашите граѓани“. (Дојче веле)

 

Back to top button
Close