На демократијата нема кој да и помогне

Развојот на демократијата како политички концепт е тежок, долготраен, полн со противречности процес, како кај нас така и во светот. Всушност ние во Македонија и немаме автентична демократска традиција. Обидот во изминативе три децении да воспоставиме демократски систем на владеење доведе до големи предизвици и многу разочарувања. Актуелните случувања во повеќе области, а особено во правосудството, го зацврстуваат и онака присутниот впечатокот дека има нешто труло во демократијата како систем.

Зошто е тоа така и може ли да биде подобро.

Иако можеби на прв поглед се чини дека демократското уредување е преовладувачко во светот, сепак само помал дел од државите се со неспорно демократски предзнак, додека останатите се во некоја сива зона од хибридни демократии до автократии.

И историски гледано во својата чиста форма, како директна демократија, таа постоела само во античка Грција. Тогаш демократијата била практикувана на начин кој е незамислив, но и неостварлив, во денешно време. Сепак таа демократија важела само за дел од населението, секако не за робовите, но и за жените кои биле целосно исклучени од учеството во политиката. Куриозитет е дека помеѓу најголемите антички умови постоело речиси неподелено негативно мислење за демократијата. Сократ, Платон и Аристотел биле многу јасно и директно против демократијата. За Платон полош политички систем од демократијата е само тиранијата.

Античкото демократско искуство е неприменливо во современите држави поради фактот што тогаш демократијата е практикувана во мали заедници, градови држави, полиси, во кои активни учесници биле само неколку илјади граѓани.

После античка Грција настанува долготраен застој во средниот век, за дури во 18 век со револуцијата во САД да почне повторно да се реафирмира демократијата, овојпат во нејзиниот современ вид. Таа, за разлика од античка Грција, е претставничка, а не директна демократија, што е сосема во согласност со големината на современите држави, и по територија и по бројност на населението.

Уште тогаш, пред повеќе од два века, се детектирани главните карактеристики, критериуми и предуслови за воспоставување на успешна демократија. Така Токвил, еден од секако најзначајните теоретичари на демократијата, предупредува дека не е доволно само нормативно, со устав и закон да се прокламира демократија и дека таа нема да функционира без соодветна општествена база, јавно мнение и партиципативна политичка култура. Мора да постои взаемна спрега помеѓу соодветни демократски вредности, нивната вкоренетост во општествената база и функционирањето на институциите.

Очигледно дека скоро во сите нови демократии настанати со распадот на социјалистичкото државно уредување, вклучително и во Македонија, не постојат некои неопходни предуслови за успешна инплементација на демократијата. Идејата дека ќе си легнеме како комунисти, а ќе се разбудиме како демократи, иако оптимистична, не беше сосема во склад со реалноста. Како резултат на тоа имаме недоизграден систем полн со дубиози, незадоволство од секаков вид и отворено сомневање во вредностите на таквиот систем. Сосема е јасно дека и после три децении од нормативното воведување нам ни претстои долг процес на консолидација на политичкиот поредок. Од сите критериуми за воведување на демократска држава ние се уште се мачиме да го оствариме дури и оној основниот, минималниот услов, за фер и слободни избори. Се уште се провлекуваат судски процеси кои за предмет имаат драстични нарушувања на изборниот процес и на слободното изразување на политичката волја на гласачите.

Заживувањето на демократијата е заеднички проект на целото општество. Таа нема да дојде сама од себе само затоа што некаде сме напишале дека сме демократска држава. Секако дека најголема е одговорноста на политичките елити. Доколку народот е недоволно образуван вие можете да го злоупотребувате и користите за да владеете и во тој случај сте опортунист и манипулатор. Ако истиот таков народ настојувате да го образувате тогаш сте реформатор и државник.

Кај нас токму сферата на образованието стана предмет на најголема манипулација. Со отварањето на факултети во секое село образованието наместо начин на стекнување на знаење се претвори во штанцање на безвредни дипломи. И тоа не беше случајно, некому му одговараа учени недоучени, свесни дека само формално се стекнале со диплома. Се покажа дека е полесно и поисплатливо луѓето да ги заглупуваш отколку да ги просветлуваш. Кревањето на просечното ниво на образование, економската благосостојба, политичката и општата култура на граѓаните го крева и бараното ниво и очекувањата од владеачката елита и со тоа ги загрозува.

Дали незадоволството од развојот на демократијата е затоа што можеби често немаме среќа во изборот на оние кои владеат или постојат подлабоки, посуштински причини. Спасот е во правилата и процедурите, а не во доблеста на луѓето. Велат дека нема добра власт, има само добро контролирана власт.

Кога имате ниско образовно ниво на општата популација, малубројна и слаба средна класа, медиуми под нивото карактеристично за демократски општества, поданички менталитет и клиентелизам тешко е да се постигне ефективна контрола на власта. Граѓаните мораат самите да бидат во состојба да ги препознаат демагозите и популистите, лошите политики да ги казнат, а добрите да ги наградат. Добро контролираната власт испорачува подобри резултати, преку ефикасни политики и поголема одговорност и отчетност во работата. Оваа улога мораат да ја преземат граѓаните сами. Никој друг не може да ги замени. Звучи излитено, но сепак постојано мора да се повторува дека секој народ има власт каква што заслужува.

Очигледно е дека граѓаните за да бидат активни партиципиенти во демократскиот процес мораат да покажат поголем ентузијазам во стекнувањата на знаења и граѓанска храброст да бидат критичари и коректори на политичките актери и процеси. Со таа своја мека моќ ќе извршат влијание и врз медиумите кои многу често не се на висината на улогата што треба да ја имаат во демократските општества. Премногу манипулации нарачани од политичарите, а креирани од медиумите, поминуваат непрепознаени кај електоратот и со тоа премногу погрешни политики биваат наградени на избори.

Образувани гласачи треба да имаат барем базични познавања од областа на политичкиот систем, поставеноста и функционирањето на институциите и можностите и механизмите за влијание врз нив. Особено е важна економската писменост, способноста да се препознаат добрите економски политики. Интересно е дека Ха-Џун Чанг, професор по економија на Кембриџ, вели дека просечен граѓанин може да има познавање на над 90 посто од економската проблематика која му овозможува сосема компетентно да ги оценува економските политики на владата.

Политичките елити играат на картата на непросветеноста на народот и на неговиот клиентелизам и подаништво. Тие можат да го променат сопственото поведение само доколку чувствуваат притисок од електоратот.

Граѓаните мораат да препознаат кога манипулаторите, демагозите и популистите криејки се зад наводни општи, национални интереси смислено ги доведуваат во заблуда заради остварување на сопствени партиски и лични бенефити. Народот кој не може да ги препознае ни политиките кои се всушност на штета на нив самите, не може да се надева на подобра власт.

Демократијата сите не ја сметаат за добар систем на владеење, но вистината е дека подобар нема. Таа во себе содржи потенцијал за еднаквост пред правдата, за почитување на личните слободи и права, но слободата подразбира и одговорност. Би завршил со парафраза на Џон Кенеди “не прашувај што може демократијата да направи за тебе туку што можеш ти да направиш за неа”, и цитат на Џорџ Орвел” : Народ кој бира корумпирани, преваранти, крадци и предавници не е жртва, туку соучесник.

 

Љупчо Довичински

Back to top button
Close