Мојата Баша

колумна на Трифун Костовски
Почитувани читатели, денешната колумна ќе ја посветам на мојата соработничка, Барбара Холева со прекар Баша, која мошне успешно заедно со нејзиниот претпоставен господинот Сенга го водеа најсилното претставништво во време на моќната фирма ,,Кометал лтд”.
Најнапред ќе ми дозволите да ве запознаам со системот на функционирање во Кометал.
Од раните 90-ти години на минатиот век, Кометал беше фирма која исклучиво се бавеше со испорака на железна руда за полските комбинати Хута-Катовице, Хута-Сеџимира и Хута-Ченстахова. Овие три комбинати, со вкупно вграден капацитет од 12 милиони тони, беа и сѐ уште се срцето на полската металургија.
Фирмата Кометал годишно испорачуваше меѓу 3,5-4,5 милиони тони железна руда, агло руда и железни пелети. Најголемите испораки беа преку железнички транспорт од Украина и Русија. Количината од преку 700-800 илјади тони се увезуваше од Јужноафричка Унија и Бразил, со бродски превоз. Поради лимитираниот капацитет за прием на големи прекуокеански бродови во пристаништата Гдањск и Гдиња, оваа испорака се вршеше со бродови до 60 илјади тони носивост или познати во поморскиот сообраќај како панамакси бродови.
Со мојата Баша се знаеме уште од раните 80-ти години кога работеше, во тогашна Хута-Катовице, во секторот за набавка на репроматеријали. Таа со нејзината искрена и професионална посветеност овозможи да влеземе најнапред со огноотпорни материјали за коксарите, но и со егзотермни плочи кои се користат во високите печки чиј производители беа Ватростална-Бусовача, како и Босна и Херцеговина.
Почитувани пријатели, сите погоре наведени информации ги споделувам со вас за да имате појасен увид за местото и улогата на мојата Баша.
Баша , покрај образованието како дипломиран економист ја краси и нејзината убавина како човек со нескриена и цврста одлучност на професионален план да го даде својот максимум.
Баша беше вклучена во сите настани кога се договараа количините за испораки, заедно со нивниот квалитет, а уште повеќе нејзиното присуство беше битно кога тие испораки мораа да се евидентираат и количински и квалитативно. Да појаснам, се работи за испорака на стока која подлежи на многу, многу можни рекламации за количинскиот и квалитативниот капацитет на испорачаното, а за која се пактикува транспорт од типот на ринфус (in bulk).
Целиот период од 1991 година до крајот на 2008 година, Баша беше дел од тимот кој ја плетеше успешната мрежа за фирмата Кометал. Во ниту еден момент не се случило мојата Баша да не знае колку е товарено до комбинатите во Украина и Русија, колку од испораките се стигнати на граница и во самите комбинати и дали тие дневни испораки имаа квалитативни и квантитативни рекламации. Финансиската состојба на меѓусебните обврски меѓу полските комбинати и Кометал, таа ја знаеше на памет.
Кога повторно би се родил, би посакал да ми се повтори историјата на Кометал со целиот тим кој успешно го водеше претставништвото во Катовице.
Мојата Баша секогаш даваше позитивна енергија, дури и во најтешките моменти кога се соочувавме со неликвидноста на полските комбинати.
Нејзината умешност да гради професионално коректни односи со своите партнери, беше од врвно значење не само за Кометал туку и за бизнис партнерите . Кометал во тие времиња важеше како најреспектабилна фирма во областа на трговија со железни руди во Полска , Украина, Русија и Чешка.
Кометал имаше на располагање преку стотина композиции од вагони кои секојдневно возеа од рудниците до комбинатите. Овие маршрути од вагони броеја 66 вагони во композиција, со тонажа од над 60 тони секој вагон.
Почитувани пријатели, за многумина мои сограѓани, мојот бизнис претставува енигма, бидејќи Македонија и тогашна СФРЈ имаа 5 пати помало производство на челик споредбено со Полска. Бројките кои ги пишувам се огромни и верувајте дека се точни. За мојата Баша ќе додадам дека таа е еден современ патувач со немирен дух, вљубеник во сите култури на Земјината топка, кои самата сака да ги почувствува при патувањата. Помина 3 месеци патувајќи низ Кина , само со една цел: да ги научи древните обичаи на обичниот народ. Таа е вљубеник во планините, нема високи врвови во светот каде не се искачила или била блиску до нивно освојување, свесна дека врвот се постигнува, никогаш не се освојува. Мојата Баша го обзнани моментумот кога Кометал испорача, само во полските комбинати, 70 милиони тони железна руда. Тој момент се случи на 31.12.2004 година и тоа беше врвно достигнување.
Ми го даде и прекарот, кој често се практикуваше во фирмата „панје шефје кохани” што во превод значи „мој сакан шефе”? Таа не пропушташе ниту една пригода, а да не ме ослови со прекарот „панје шефје кохани”.
Овој прекар стана многу популарен за време на божиќните забави, практикувани во склоп на Кометал, со присуство на сите вработени од сите претставништва од Виена, Катовице, Киев, Криворог, Москва, Лугано и Скопје. Баша многу ја засака мојата Македонија и искрено сака да биде дел од нашето секојдневие. Нејзиното присуство во мојот дом до пред пандемијата Ковид-19 беше во континуитет. Пандемијата Ковид-19 и тоа што ми се случи во Македонија малку го закочија нејзиното доаѓање. Денес мојата Баша живее во Сосновјец, околина на Катовица, опкружена со своите домашни миленичиња и огромна армија на роднини и пријатели. Очекувам оваа година да ми биде гостинка во Скопје надевајќи се дека ќе имам прилика да ѝ ја прочитам оваа колумна
Баша, биди ми жива и здрава! Те сакаме и почитуваме сите вработени од некогашниот Кометал и скогаш си добредојдена кај нас.






