Дали знаете што значи зборот СОЛИДАРНОСТ
Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на солидарноста која има многу битно значење во моменти кога се случуваат катастрофални непогоди предизвикани од мајката природа, но и ситуации кои во основа треба да го обликуваат нашето цивилизациско живеење.

На 26 јули Градот Скопје ја прослави 60 годишнината од катастрофалниот земјотрес. Можеби грешам, меѓутоа со моите анализи доаѓам до заклучок дека светската солидарност отпочнува токму од овој катастрофален земјтрес. За прв пат во историјата на човештвото целата светска заедница од сите континенти на Земјата, понудија помош за граѓаните на град Скопје и негово обновување.
Јавноста мора да знае дека ваква трагична ситуација да предизвика и светска солидарност и добие масовна поддршка, потребна е силна држава која знаела на цивилизиран начин да побара помош.Токму тоа го стори бившата СФРЈ.
Солидарноста која пристигна во Скопје од целата светска заедница беше дело на тогашната СФРЈ и нејзиното раководство. Овој момент ние скопјаните никогаш не смееме да го заборавиме, бидејќи историјата памети многу поголеми трагедии за кои светската заедница останала нема.
Денес Македонија ја тресе прашањето дали ќе се отвори Уставот на Република Македонија да се вметнат Бугарите во него. Се бара дво-третинско мнозинство кое во моментов парламентот го нема, меѓутоа Владата на Република Македонија поддржана од ЕУ и САД секојдневно вршат притисок по секоја цена да се обезбеди ова дво-третинско мнозинство.
Отварање на Уставот, за да удоволиме каприциозна желба на нашиот сосед, за мене е чин за осуда. Со мојот личен став се согласни повеќе од 80% од етничките Македонци во нашата Република. Говорам за ставот по ова прашање за најголемата и уставотворна етничка заедница на нашата татковина. Фактот што сите етнички заедници во Република Македонија го поддржуваат барањето на соседна Бугарија, за вметнување на Бугарите во Уставот, за мене е чин на несолидарност кон државотворната етничка заедница Македонци. Ниту една етничка заедница во Република Македонија во нивното битисување не се соочила со ваков парадоксален негаторски однос кој го имаат нашите соседи Грција и Бугарија кон нас, Македонците.
Градиме заедничка држава каде солидарноста меѓу етничките заедници мора да биде приоритет. Начинот на кој се комуницира во јавноста по ова прашање укажува на многу неразбирливи сваќања. Согласно ЕУ, САД и актуелната Влада со сите етнички заедници во Македонија, ние Македонците сме третирани како малоумни. Овој факт е поразителен, не за нас Македонците туку за меѓународната заедница во целост и етникумите кои живеат во Република Македонија.
Толку посакуваната солидарност која ние Македонците ја бараме од останатите етнички заедници во Македонија, денеска е мисловна именка.
Притисокот од меѓународната заедница го разбирам, бидејќи се работи за гео-стратегија која во моментов е мошне сериозен предизвик за светскиот мир, предизвикано од војната во Укарина.
Но тешко можам да ги разберам етничките заедници со кои денес живееме во Република Македонија.
Македонија не смее да стане членка на ЕУ со обезличен национален статус за нас, Македонците. За мене црвената линија за мое идно членство во ЕУ е јасно испишана.
Упатувам силна порака до сите етнички заедници да застанат рамо до рамо со нас Македонците по ова прашање и заеднички да го продолжиме нашиот пат.
Почитувани читатели, Скопје и скопјани ја почуваствуваа светската солидарност и силната солидарност од бившите ЈУ републики. Научивме што е солидарност!
Ако Македонија сака да опстои како суверена држава неопходна е солидарност од сите етнички заедници кои живеат во Македонија! Во спротивно ќе продолжи разнебитувањето на нашата мошне кревка држава. Силината на државата доаѓа одвнатре.
Трифун Костовски






