Кој работи за Радев?!

Ако Спарта и Рим мораа да исчезнат, која држава може да се надева дека ќе трае вечно“ – вели познатиот филозоф егзистенцијалист Жан Пол Сартр. Спарта, била град-држава на Пелопонез, која прераснала во силна империја и траела околу илјада години. Но, поради внатрешни превирања видно ослабнала и лесно била освоена од противнички држави. Слично се распаднал и славниот Вавилон, и древниот Египет, дури и Римската империја која се простирала на три континенти и го доминирала светот повеќе од 12 века.

„Државата се распаѓа кога подолг период ќе биде водена од дангуби водачи“ – вели Maкијавели.

Од осамостојуањето па наваму, Македонија е еклатантен пример како не треба да се води држава. Tаа постојано е заробена држава од празен и лажен патриотизам, кој служи за маскирање на корупцијата и криминалот или пак за метод како тоа да продолжи. А ние сме велемајстори злото да го препакуваме во патриотизам. И така, со лилипутска мегаломанија стасавме до држава со посебни потреби! Оти, не се бара среќата таму каде што секој ја има загубено. Корените за ваквата состојба треба да ги побараме во фрапантно лошата приватизација која долгорочно ја има контаминирано нашата свест за нормалност. Поради системска алчност за корупција, која лесно била маскирана под патриотиам, нам ни требаа 30 години да го решиме спорот со Грција. A сега пак во скутот на Бугарите. Да бевме паметни, ние ќе станевме членка на ЕУ пред нив и тогаш ние ќе шефувавме со нив! Ама не пропуштивме ниедна шанса за да ја пропуштиме секоја шанса.

Таквиот лажен патриотизам направи да сме последни во Европа, а бевме далеку пред цела источна Европа. Сите тие стана нормални нации, дури и Бугарите чија економија служеше за шега. Само ние успеавме да откриеме дека под дното на пеколот има уште едно дно. Оти не сфаќаме дека штом ветерот не можеме да го спречиме, барем едрата можеме да ги средиме. И сега се повеќе обични луѓе тука својот живот го доживуваат само како отсуство на смрт. Сите нации имаат свои проблеми, но на нормален начин ги решаваат! А ние како да работиме за бугарските националисти кои радосно ги тријат рацете, оти добро знаат дека валканите работи што тие не можат да ни ги направат, ние самите ги правиме. Од 16 регионални држави ние бевме втора по ранг, по распаѓањето на Југославија (веднаш зад Словенија), а сега сме последна, дури и безнадежна! Oд инает на Радев, го правиме токму тоа што тој го посакува! Тој посакува блокада и распад, ние тоа го правиме со блокирање на евроинтеграциите! Нашето однесување е одлично гориво за Бугарите. Во име на „светлото“ минато, ја затемнуваме иднината. Еден мудрец вели – „Егото е најголемиот крадец, оти може да те украде тебе од самиот тебе“.

Хистеријата е погубна!

Ние како да имаме вродена маана на нормален начин да ги решаваме споровите, па цело време драматизираме и хистеризираме. Од осамостојувањето тоа го правиме, скапо плаќаме, а умот никако да ни дојде! Не сфаќаме дека ако не го закопаме минатото, тоа ќе не закопа нас. Сите држави на светот па и најсилните имаат некакви нивни проблеми, ама ги решаваат на нормален начин. А ние со главата на небо, не гледаме дека пред себе имаме длабок бунар. Сите релевантни анализи велат дека ако не ги средиме односите внатре и во однос на соседите, оваа држава до крајот на векот ќе остане без автохтоно население. Токму тие кои се најгласни против Бугарите, едвај чекат да побегнат од државата. Нивниот револт е поради социјалната состојба, а агресијата кон бугарите е обичен испуштен вентил за тоа. Белата чума ја има покосено западна Македонија а сега ја зафаќа целата држава. Тука ќе дојдат африканци и азијци, кои со големо срце ќе се припојат кон посилните, а од сегашната држава тешко дека ќе остане буквата „М“. Ако сакаме да се спасиме тогаш треба – ред, прогрес, правда, мерит-систем одговорност. Треба брзо да го либерализираме доаѓањето на јужњачка работна рака кои ќе се натурализираат (како што прават развиените држави), поинаку економијата целосно ќе колабира.

Цело време фатализираме како да само нам ни се случуваат такви проблеми. Па арапскиот јазик е службен во 13 држави, но ниедна од нив не дига хистерија за тоа како ќе се вика јазикот, културата, нацијата. Што е важно како ќе го наречат вашиот јазик или држава. Турците, Албанија ја нарекуаат Арнаутистан, па никој не се замара со тоа. Наши соседи зборуваат со ист јазик – Србите, Хрватите, Бошњаците, Црногорците, па никој не се кара за потеклото, уште помалку некој да бара му се признае јазикот! Вучиќ морал да каже дека „Србите го сакаат македонскиот јазик“, а во превод таa порака значи „ве жалиме“! Оти јазикот треба да е предмет на сакање?! Често, странски државници мора да се дообјаснат ако нешто кажале што лингвистички не ни одговара! Амбасади мораа да се дообјаснат ако по незнаење нивни функционери користеле изрази кои не ни се омилени! Нормално ли е тоа што на странците им ги мериме зборовите со златарска вага? Тоа зборува многу повеќе за нас отколку за нив.

И најсилните држави имаат проблеми, дури територијални, но без хистерија ги решаваат. Британија со Фокланди. Кина сеуште со Хонконг, Макао и Тајван. Франција со Корзика. Шпанија со Каталонија и Баскија. Турција и Грција за Кипар. Хрватска и Словенија за Пиранскиот залив. Албанија и Грција за територијалното море, итн. Но, никој не дига хистерија. Ситно невнимание од надвор, тука веднаш се дига хистерија! Своевремено Тодор Петров ги оспоруваше териториите на скоро сите околни соседи, па никој службено тоа не го третираше, оти хистеријата е опасно оружје за самоуништување.

 

Вистински патриотизам!

Ваков патриотизам што тука цело време се продава е полош од вистинското предавство. Не е патриотизам „грижата“ за нацијата и јазикот, додека секој ден се помалку ги има тие што го зборуваат тој јазик. Не е патриотизам кога на младиот човек насекаде му е подобро отколку во својата домовина! Не е партиотизам со вакво хронично болно здравство! Не е патриотизам кога слабите се авансираат а паметните се шутираат! Не е патриотизам кога образованието стаса до неписменост! Кога културата станува се по некултурна! Кога реформите се претворија во деформи! Кога правдата е се по неправедна од бројни неписмени судии и обвинители, кои одново непристрасно треба да се избираат! Нема патриотизам без економски развој на секоја педа земја. Без свест за огромните ресурси што ги имаме, ама поради незнаење не експлоатирани. На територија колу нашата, Тајванците издржуваат 25 милиони жители со шест пати повисок стандард. Па не гледаме дека кај нас веќе е загубена и логиката на пазарот на трудот (газдите немаат пари за да ги покачат платите, а работниците не можат со постојните плати). Излезот е надвор!

Власта видовме колку може, ама опозицијата наместо да понуди лек за секоја болест, таа е закопана во глупавата дупка на лажната „бугаризација“ или „бугарскиот диктат“! Ги кочаат уставните измени, а не знаат дека тоа ќе им биде јаже околу врат штом дојдат на власт. Мицкоски, ако сака власт со резултати треба да расчисти со тие околу него кои според говорот се далеку од рамнотежата. Таа партија шансата ја пропушти во 2008 година, кога со мали додавки на името и ќе стасавме до членка на НАТО во 2008, а на ЕУ во 2010 година.

Мора на сите да им биде јасно дека Македонија може да опстои само како консолидирана и равиена држава. Поинаку распадот е во близина, оти луѓето ќе почната да гравитираат кон развиената Србија, Бугарија, Албанија. А странците веќе се уморни спасувајќи не нас од себеси! Со вакво однесување, не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку ќе исчезне и ова што го имаме. И мајката ако силно и лажно ја прегрнуваме, можеме да ја задавиме! Добри водачи не прават мирните времиња, како што мирното море не прави добри морнари.

 

Мерсел Биљали

Back to top button
Close