Тунис

Трифун Костовски
Тунис е приказна чиј почеток се наоѓа во срцето на медитеранските земји, во северниот дел од Африканскиот континент и е држава која се здобила со самостојност во 1953 година.
Франција, како колонизатор, ги напушти сите северно-африкански земји во истиот тој период, половината на 20 век. Во Тунис колонијализмот заминува, но француската култура и јазик остануваат трајно имплементирани во секојдневието на оваа држава.
Образованието е задолжително и бесплатно, истовремено се изучуваат арапскиот (според Мухамед) и францускиот јазик, а што е најинтересно нема приоритетен јазик и двата се облигаторни.
Тунис е држава со 12 милиони жители, која популација гравитира покрај крајбрежјето на Средоземното море, местоположба на која може да и позавиди секоја држава.
Со моите пријатели се одлучивме да ја посетиме токму оваа прекрасна земја, која со милениуми наназад претставува цивилизациска колевка.
Некогаш најмоќната град-држава Картагена , некогаш најмоќна на Средоземното море и денес ја има истата вредносна патина олицетворена во секојдневието на Тунижаните. Стариот Рим како да ѝ завидувал на таквата убост па морал воено да ја порази и уништи, за подоцна да ја вивне, формирајќи ја во рамките на илјадници години моќна Римска Империја.
Согласно преданијата, Картагена е формирана од страна на древните Феникијци, старо арапско племе од Мала Азија, кои важеле за мошне искусни морепловци и трговци.
Спојот на Феникијците со древното арапско племе Бербери довело до силен економски развој на градот-држава Картагена.
Рим, за да стане тоа што бил, морал во континуитет од 200 години да води војна со овој град-држава и да го уништи, притоа земјаќи ги сите цивилизациски и технолошки вредности , кои за тие времиња биле авангардни.
Војните меѓу Рим и Картагена се именуваат како Пунски војни. Многу е специфична втората Пунска војна кога светски познатиот војсководец на Картагена, Ханибал, вооружен со слонови, го напаѓа Рим и цели 20 години води војни со Римјаните на Апенинскиот Полуостров.
Војсководецот Ханибал не изгубил ниту една битка, но ја изгубил војната. Имено, Картагенците не сакале да го уништат Рим, иако имале можност да го сторат тоа повеќе пати, туку сакале да добијат партнер за општествен развој со стоки и услуги во Рим. Картагена важела за силна економска и трговска сила. По зборовите на многумина мои соговорници Тунижани, на Картагена ѝ недостасувала суровоста на Римјаните…
Пунските војни како историски поим за мене биле предизвик за проучување и во погоре напишаниот текст си дозволив да дадам свои заклучоци зошто Картагена ги изгубила Пунските војни. Имено, во денешен Тунис, а тогашна Картагена, нема слонови. Кој бил поривот на Ханибал од централна Африка да собере армија слонови, да ги дресира за воени цели и наредните 23 години да патува со нив низ Пиринејскиот и Апенинскиот полуостров, поминувајќи ги најтешките планински врвови на Пиринеите и Алпите? Ханибал е првиот војсководец кој ја довел либијската коњица на европско тло, која во тие времиња важела како најсилна во светот. Убеден сум дека науката сѐ уште го нема дадено својот одговор на овие факти. Верувам дека Тунижаните со својата посветеност да ја покажат историскта големина на Картагена, ќе си најдат одговор на многу прашања.
Тунижаните се многу горди кога во разговор ќе се спомне Ханибал и многу се горди кога го опишуваат белегот на автохтониот арап-бербер, опишувајќи го со права, црвенкаста коса и светли очи. Целта им е да поентираат со фактот дека Ханибал бил бербер.
Медитеранот , лулката на европската, мало-азиската и северно-африканската цивилизација е вистински благодет која природата му го подарила на човекот.
Релативно мирно море, изобилие од храна, здрава и неопходна за опстанокот на човекот како и прекрасната клима во која човекот можел да опстои, но и да твори.
Прекрасната местоположба на хотелот, каде бевме сместени, ни даде можност да ги поминеме првите есенски дни во клима која што човек само може да ја посака.
Тунижаните важат за гостопримлив народ и многу работлив. Задолжителното образование, со закон обврзувачко, го дава својот резултат во комуникацијата со обичните граѓани. Тука заклучувам колку образованието е фактор за подигање на цивилизациските вредности во сечие секојдневие.
Првиот претседател на Тунис Хабиб Бургиба е човекот кој го удри темелот на образованието во оваа мала држава. Можам да изразам искрени честитки за неговата визија!
Самиот Тунис минува низ евулутивен развој, бидејќи до неодамна номадството било едно од основните гранки и начин на живеење во Тунис.
Така-наречениот бедуински живот и денес е присутен во Тунис, меѓутоа евидентен е фактот дека веќе влегува во фаза на исчезнување.
Промената на начинот на живеење меѓу граѓаните на Тунис од номадски-бедуински до цивилизиран и модерен-урбан стил, ја има и својата цена. Најнапред самата архитектура на градежните објекти е безлична. Хигиената е вистински проблем на Тунис. Во мојот животен век не паметам дека таква нехигиена сум доживеал во мојата земја. Елитни населби се опкружени со отворени депонии. Самите Тунижани со кои што комунициравме беа свесни за таа аномалија и очекуваат дека во близок период ќе му се стави крај на ваквиот нехигиенски начин на живеење.
Тунис денес важи за една од најсилните Северно-Африкански земји кои извезуваат маслиново масло и вино. Во основа тоа се главните производи со кои што денешен Тунис обезбедува сопствен развој.
Како млада држава Тунис сѐ уште ги прележува своите детски болести и до некаде можам да го разберам обичниот Тунижанец кога во малите места околу главниот град на Тунис, најнапред ни ги покажуваа полициските станици и судските палати.
Полицијата има многу силно влијание во секојдневниот живот на Тунижаните. Од европски аспект тоа е недозволив начин на функционирање на една држава, бидејќи ме потсетува на местото и улогата на полицијата во бившите држави кои припаѓаа на Варшавскиот пакт. Сепак, тоа е избор на самите Тунижани и претпоставувам дека тие имаат причина зошто тоа е така.
Туризмот во оваа најмала северно-африканска земја е во подем, нудејќи му на светот прекрасни плажи покрај Медитеранот, а во поново време, во самата Сахара и бедуински стил на туризам.
Искуството кое Арапите го имаат да понудат гостопримство е предизвик за секој турист. Замислете колку е мистично и магично да поминете неколку денови низ оазите на Сахара во стил и начин на живот кој го релаксира вашиот дух.
Тунис е држава која има своја иднина и убеден сум дека нивниот економски и цивилизациски раст во децениите кои доаѓаат ќе биде на исклучително високо ниво.
Местото Хамамет е туристичка дестинација број еден за секој посетител. Хамамет е место и пример како треба да се негува туризмот, а истовремено како треба да тече стопанскиот и цивилизациски развој на Тунис.
Со посетата на Тунис, јас и моите пријатели станавме вистински поддржувачи на оваа мала северно-африканска земја.
Чувствувам дека цивилизирана Европа ќе има порив да помогне на овој северно-африкански регион, час поскоро да го инкорпорира во сопствената заедница. Ако Европската унија е заедница која функционира веќе 60 години, убеден сум дека доколку мирот победува низ светот, Европа ќе се спои со мало-азискиот и северно-африканскиот континент, нудејќи цивилизиран напредок и стил на современ живот. Приказната за Тунис нема крај…






