Гевгелија
Почитувани читатели, оваа седмица ја исполнив со многу радосни моменти, поминати во Битола и Гевгелија.
Денешната колумната ќе ја посветам на Гевгелија. Ќе ви пренесам емоции кои по многу нешта ме исполнија и како гостин и како човек возљубен во македонските градови. Среќата се множи кога се дели, па затоа ви го споделувам моментумотот со чувство дека сум во рајот.

Гевгелија, најјужната точка на нашата убава татковина, е град во кој имам поминато голем дел од мојот живот. Година ипол учев во гимназијата ,,Јосиф Јосифовски Свештарот” -Гевгелија.
Кога размислувам за себе сфаќам дека токму времето поминато во Гевгелија имало силно влјание врз формирањето на мојот карактер, додавајќи му црти на еснафлук и боемштина.
Поводот за мојата посета на Гевгелија беше двопричински, првин чествување на националниот празник ,,11 Октомври” и ден посветен на фудбалот. Имено, токму на овој ден Фудбалскиот клуб ,,Кожуф” славеше 100 годишнина од своето формирање. Замислете, едно цело столетие како таа магична буба-мара е дел од традицијата, културата, социјализација и историја на една прекрасно мало гратче, кое со времето сѐ повеќе добива на вредност.
Бев поканет од градоначалникот на Гевгелија, господинот Андон Сарамандов и претседателот на Фудбалскиот клуб, господинот Ристо Танев да бидам дел од оваа прекрасна јубилејна прослава. Какво симболично поклопување, ги празнуваме во ист ден големиот македонски празник ,,11 Октомври” и 100 години од формирање на Фудбалскиот клуб ,,Кожув”. Целата организација на настанот беше водена со љубов и убеден сум дека ќе ја пренесеме и на следните генерации, вистински фудбалољупци.
Настанот отпочна со многу натпревари од сите категории на фудбалери на прекрасниот терен од Градскиот стадион на Гевгелија.
Почитувани читатели, фудбалот и фудбалската магија се мојот предизвик. Поубав тревнат фудбалски терен од овој на кој игравме, немам видено во мојот живот, поубав и подрагоцен и од персиските килими. И тоа не е случајно, топлата клима на Гевгелија каде виреат палми и смокви, како и одговорноста и работливоста на гевгеличани, се главни виновници за негување на спортот.
Денес Фудбалскиот клуб ,,Кожув” се натпреварува во втората македонска лига и има преку 250 дечиња кои секојдневно тренираат за подобро да ја запознаат оваа волшебна игра.
Една од причините за поканата е што сум имал сенс за овој спорт и сум помогнал на фудбалскиот клуб, како што тие самите умеат да кажат „кога му било најтешко”.
Самиот чин дека не можев да се сетам за мојата материјалната и морална поддршка, а гевгеличаните доброто дело не го заборавиле ми го исполни срцето со радост. Тие моментни на радост поради добрини и добри дела те воздигнуваат чиниш си го допрел рајот. Задоволствата од помагањето кога им требаш на луѓето е мојот земен рај. Како највозрасен фудбалер – аматер, кој никогаш не играл на терен за ниту еден фудбалски клуб, но играл со срце, бев поканет и зедов учество во ревијалниот натпревар за ветерани одигран меѓу ФК ,,Работнички” и ФК ,,Кожув”.
Тие се два клуба кои во срце ги носам. Насмевката и среќата на лицата на учесниците и присутните лебдеше и на самиот терен и за време на заедничката прослава која се одржа во ресторанот на Негорски бањи. И ете така, таа магична буба-мара ни овозможи да го прославиме стогодишен јубилеј на ФК ,,Кожув”, дружба со бивши, сегашни и идни фудбалери, како и споделување емоции меѓу нас како да сме ги постигнале сите животни голови. Добив признание од ФК ,,Кожув” за кое сум многу благодарен и ќе го чувам во ветрините на мојот кабинет.
Гевгелија и гевгеличани, ФК ,,Кожув”, вие сте дел од моето детство. Заборавот не ми е одлика, напротив, паметам нешта кои ме обликувале како човек, а Гевгелија и гевгеличани имаат голем придонес за тоа што сум денес.
Единственото нешто што не успеав тој ден да го слушнам е автентичната гевгелиска народна песна „Трба, трби гевгелиска” и причината секако не беше кај домаќините или музичарите, туку во нас скопјаните, кои моравме порано да си заминеме од прекрасната веселба.
Трифун Костовски






