Знаците на кои укажа холандскиот амбасадор – одамна се тука!

Предупредувањето на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека без движење кон ЕУ регионот ќе остане место со празни села и стари лица, се совпаѓа со сите домашни статистички трендови.

Иселување

Холандскиот амбасадор во РСМ, Дирк Јан Коп, даде дури и пооптимистичка слика за иднината на земјава и регионот, од домашните статистички податоци кои одамна го имаат вклучено црвениот аларм. Нагласувајќи дека овој регион нема некоја друга алтернатива освен да се движи напред кон ЕУ, амбасадорот на вчерашната Втора регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“, посочи каква ќе биде сликата доколку не се случи тоа.

„Другата алтернатива е за 20-ина години да се создаде една група сиромашни земји, со празни села, со празни места, каде што ќе останат само стари луѓе, додека останатите ќе бидат емигрирани. Знаците се тука. Ова не е бајка. Денешниот геополитички контекст е во најмала рака сложен, но неговото релативно мало влијание врз регионот не може повторно да се искористи како изговор да не се оди напред. Одењето напред може да се постигне само ако има владеење на правото, демократија и почитување на човековите права“, рече амбасадорот на Холандија во земјава.

Знаците одамна се овде и Македонија не мора дезинтегрирана да чека 20 години за да се увери во таков исход. Трендовите во изминатите 20 години се видливи, но не и мерките за стопирање на демографската катастрофа. Според проекции на ОН направени врз сегашните трендови, Северна Македонија од 2020 до 2050 година ќе изгуби околу 10,9 отсто од населението, што ја става на 18 место од 20 земји во светот кои најдраматично ќе се соочат со овој проблем.

Земјата забрзано старее, младите се иселуваат, а како последица од тоа општеството станува непродуктивно. Негативниот природен прираст на ниво на целата држава кој почна од 2019 година, сè уште трае, без назнаки за промена на трендот. Гледано по плански региони, негативен природен прираст има уште од 2002 година речиси во половина од Источниот, Југоисточниот и Пелагонискиот регион. Во првиот квартал од годинава, во шест од осумте плански региони имало негативен природен прираст, или во 64 општини од вкупно 80 општини. Во Полошкиот регион имало позитивен прираст само во три општини, но не и во останатите шест од тој регион.

За трендовите доволно зборува и податокот дека во изминатите 20 години за 83.000 опаднал бројот на ученици во основните и средните училишта. Ако во учебната 2000/2001 година имало 250.000 во основно и 93.000 во средно образование, во учебната 2020/2021 година во основно образование биле запишани 190.000, а 70.000 ученици во средно образование. Пописот од 2021 година покажа и дека од вкупно 1.781 населени места, во околу 200 нема ниту еден жител.

Што ги брка младите?

Предупредувањето на амбасадорот Коп дека без движење кон ЕУ регионот ќе стане место за стари лица, нѐ враќа на причините поради кои тој ја даде оваа илустрација: неговите критики за овдешното отсуство на желба да се спроведат реформи за владеење на правото.

„Сè е заглавено поради недостигот на имплементација, корупцијата и непотизмот. Со едноставни зборови, нема вистинска политичка волја за промена“, рече Коп.

Ако се анализираат резултатите од многубројни истражувања на темата – што ги брка младите од Македонија, во прв план одамна не се само поквалитетното образование во странство или пристапот до вработување. Местото на овие причини се` повеќе им го заземаат други, од кои дел спомна и амбасадорот: високиот степен на корупција и криминал, непотизам, клиентелизам, неказнивост.

Неказнивоста доаѓа до полн израз по измените на Кривичниот законик, по кои вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ призна дека стигнала реакција од холандскиот амбасадор и претставници од Хаг. Ова не е прва критика од холандскиот амбасадор во РСМ. Во мај годинава тој потсети дека единствената причина поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на РСМ со ЕУ, било токму гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО. Со измените на КЗ тие сега пропаѓаат еден по еден. По оценката дека состојбите во македонското правосудство се влошуваат, и по скандалозното разрешување и именување на претседател на Судскиот совет, Кралството Холандија пролетта го стави во мирување големиот проект „Матра“ за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет. Амбасадорот Коп и вчера отворено изјави дека ситуацијата во правосудниот сектор ги оставила без друга опција, освен да ја евалуираат поддршката што ја даваат.

Отуството на свест за прифаќање добронамерна критика, во домашната јавност често завршува со прашањето – а зошто Холандија е толку загрижена за реформите во нашето правосудство? Кралството Холандија со години е силен поддржувач и на проекти за зајакнување на капацитетите на правосудниот систем, во насока на напредок на РСМ во евроинтегративниот процес. Покрај проектот „Матра“ за јакнење на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет, минатата година Академијата за судии и јавни обвинители и Центарот за обука и правосудни студии (SSR) на Кралството Холандија, потпишаа меморандум за соработка за активности со кои ќе се зајакнат капацитетите на Академијата со цел да се обезбеди повисок квалитет во спроведувањето на обуките наменети за судиите и јавните обвинители, за слушателите во почетната обука, за студиски посети на SSR и за размена на експертски искуства. Секако, тоа не е сѐ, ниту пак подршката почнала од „вчера“, на што укажува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

„За мене не е неочекувано што токму амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, пројавува поголем интерес, поголема грижа и е покритичен кон Македонија, во споредба со претставниците на ЕУ и САД. Како министер за финансии, уште во 1993 година, при зачленувањето на земјата во ММФ и Светската банка, можам да сведочам за големата помош и поддршка што ни ја пружаше Евелин Херфкенс, претставничка на Холадија и шеф на Конституенцата, група на држави во која беше и Македонија. Затоа, сметам дека реакцијата на амбасадорот треба да ја сфатиме и прифатиме како добронамерна“, вели Хајредини за ДВ.

Навор од политиката, голема улога за македонско-холандските врски има холандскиот писател А. Ден Долард, автор на романот „Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners) од 1939 година. Со ова дело тој стана своевиден промотор на Охрид и Македонија во Холандија, со што голем број холандски туристи инспирирани од неговиот роман се редовни посетители на Охрид, градот во кој е подигнат споменик во негова чест. (DW)

Back to top button
Close