Определен притвор за четиринаесетмина од вкупно 26 осомничени во случајот „Синџир“

Затворски притвор за тринаесетмина, а куќен притвор за еден од осомничените лица во случајот „Синџир“ определи Кривичниот суд на претходно барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За останатите 12 осомничени во случајот, Судот определи други мерки на претпазливост.

Во случајот „Синџир“ се опфатени вкупно 26 физички и 28 правни лица осомничени за злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари и други приноси. Според ОЈО ГОКК, осомничените не пресметале и не платиле данок во вкупен износ од 490 808 618 денари или 7 980 627 евра.

 

Во образложението за случајот, од Обвинителството велат дека од прибраниот доказен материјал постои основано сомневање дека три лица како организатори заедно со уште други три лица, во текот на 2019 година во Неготино создале група што имала за цел вршење кривични дела даночно затајување и перење пари и други приноси од казниво дело. Припадници на групата, истата 2019 година, станале уште седуммина од осомничените, а наредната 2020 година на оваа група ѝ се приклучиле 11 нови припадници. Во 2021 година членови на групата станале уште тројца сопственици и управители на правни лица.

 

Тие, како што информираат од Обвинителството, се осомничени дека основале или преземале други фирми, преку кои изготвувале лажни фактури за да избегнат плаќање данок.

 

Со „Синџир“ се опфатени 26 физички и 28 правни лица – не платиле данок од околу 8 милиони евра

Акцијата, како што информираа вчера од ОЈО ГОКК, е резултат на повеќемесечна предистражна постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството што обвинителството ја спроведе со Управата за финансиска полиција и истражители од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close