Рускоска: Чекав на одлуката на Советот на ЈО, не сакав да им олеснувам. Сега заминувам во пензија

Сега веќе поранешната јавна обвинителка и ексшефица на Обвнителството за гонење организиран и корупција (ОЈО ГООК), Вилма Русковска, за „360 степени“ вели дека денешната одлука на Советот на јавни обвинители за нејзино разрешување била очекувана.

Русковска, која, како што веќе објавивме, денеска на седница едногласно беше разрешена од функцијата јавен обвинител поради претресот во Управата за финансиска полиција лани летото.

„Очекував ваква разрешница уште кога Дисциплинската комисија не го прифати како сведок професорот (Гордан) Калајџиев и очекував ваква одлука од Советот на јавните обвинители“вели таа.

На прашањето дали во целиот случај што се покрена против неа и уште две нејзини колешки, а го иницира државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, има „замешано прсти политиката“, Русковска кусо ни одговори:

„Дали е политичка одлука треба да кажат политичарите“.

Таа посочи оти е „разочарана што доста од предметите кои беа почнати додека јас бев шеф на тоа Обвинителство (за гонење организиран криминал и корупција) сè уште се неразрешени“, без да посочи на кои предмети конкретно мисли.

За натамошните планови, Русковска вели дека нема да поднесе жалба на одлуката на Советот на јавни обвинители.

„Планирам да поднесам документи за пензија“ вели таа.

Инаку, Русковска уште минатата година ги исполни условите за пензија, но го одложи заминувањето.

Back to top button
Close