Владата ја тргна забраната за слетување на авионот на Сергеј Лавров во Скопје
Владата ја тргна забраната за прелет и слетување на руски државни воздухоплови над и во земјава. Тоа било решено на денешната седница, пренесе „360 степени“ повикувајќи се владини извори. Седницата се одржала во онлајн формат во претпладневните часови.

Тоа значи дека нема формална пречка за авион, во сопственост на руската држава, да слета на некој од аеродромите во Македонија. Одлуката, поточно измените на актуелните рестриктивни мерки за Руската Федерација воведени по агресијата на Украина, доаѓа во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој треба да се одржи од 29 ноември до 1 декември во Скопје.
Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој е и актуелен претседавач со ОБСЕ, во изминатиот период повеќепати повтори дека се надева дека сите земји членки на организацијата ќе бидат претставени на највисоко дипломатско ниво во Скопје.
Османи не криеше дека официјална Москва бара лично Лавров да ја предводи руската делегација на Министерскиот совет и дека процедурата за неговото доаѓање е почната, иако Русија е под санкции од ЕУ кои се поддржани и од Северна Македонија.
„Во санкциите се вели дека за меѓународни организации како што е ОБСЕ е дозволен прелет, сепак, одлуката е на земјите членки. Затоа нашите соседи ќе треба да одлучат, а и ние за нашиот воздушен простор“објасни Османи во неодамнешното интервју за „360 степени“.






