Европското обвинителство предлага да се истражи прекршувањетона санкциите на ЕУ

– Би било прекрасна идеја доколку Европското јавно обвинителство може да го истражи прекршувањето и заобиколувањето на санкциите на ЕУ, изјави денеска претставникот на Обвинителството на ЕУ, Фредерик Баб, на презентацијата во Европскиот парламент во Брисел на академскиот извештај за примената на европските санкции.
Според него, заобиколувањето на санкциите наскоро ќе биде дефинирано како кривично дело во ЕУ, а тоа ќе доведе до еднакви казни.
„Националните обвинителства би ги воделе сопствените истраги расфрлано, додека обвинителството на ЕУ е единствена организација со сеопфатна стратегија и ќе даде широк став, секоја година ќе поднесуваме извештај до ЕП и Советот на ЕУ, рече Баб.
Клара Портела од Универзитетот во Валенсија ги презентираше заклучоците од извештајот, во кој беше истакнато дека досега следењето на примената на санкциите е нерамномерно во одделните земји на ЕУ.
Таа посочи дека шест земји од ЕУ биле испитани за целите на извештајот, без да ги именува.
Според неа, мониторингот ги потврдува големите разлики на институционално и законодавно ниво меѓу земјите од ЕУ во однос на санкциите.
„Во некои земји постои една служба за следење на примената на санкциите, во други има повеќе. Европското законодавство не прецизира со какви способности треба да располагаат земјите на ЕУ за да го следат почитувањето на санкциите“, рече Портела.
Таа додаде дека различни служби не го перцепираат на ист начин европското законодавство за санкции.






