Спасувачите се пробија до работниците заробени во тунел во Индија

Официјални лица на индиската спасувачка служба денеска соопштија дека спасувачите стигнале до 41 рудар кои се заробени во тунелот од 12 ноември.
Пушкар Синг Тами, министер во државата Утараханд, на мрежата Х објави дека низ урнатините е ископан помал тунел со дијаметар од 90 сантиметри, низ кој наскоро ќе можат да излезат затрупаните работници.
Свлечиште во близина урна сообраќаен тунел во северна Индија, додека работниците работеа внатре. Сите работници се живи, а спасувачите преку цевководот ги снабдувале со вода и сува храна, комуницирале преку воки-токи, а нивните загрижени семејства деноноќно ги чекаат пред самиот тунел.
Внатре во тунелот е поставена импровизирана здравствена единица каде работниците ќе бидат прегледани од тим од лекари и здравствени експерти.






