(ВИДЕО) Ковачевски – О’Брајан: Северна Македонија е пред клучен момент да ги осигура европските перспективи, да продолжи со следниот чекор кон ЕУ

 Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска одржа тет-а-тет средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.

По тет-а-тет средбата, како што соопштија од владината прес-служба, се одржала и билатерална средба, на која присуствувале и Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Славјанка Петровска, министерка за одбрана и Викторија Аврамовска – Мадиќ, заменичка-министерка за правда.

На состанокот била поздравена конструктивната улога на Република Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, како и придонесот на земјава во мирот во регионален и глобален контекст.

– Премиерот Ковачевски и помошникот државен секретар на САД, О’Брајан го потврдија големото пријателство помеѓу Северна Македонија и САД, коешто е базирано на меѓусебна доверба. Се истакна и важноста на стратешкото партнерство на САД во натамошниот напредок на нашата држава. Се разговараше и за актуелни прашања во нашата држава, како и од значење за поширокиот регион, се наведува во соопштението.

На средбата било потенцирано дека политичката стабилност има клучно значење во реформските процеси од значење за граѓаните и за развојот.

Се констатирало дека Северна Македонија со зрелите политики и мудрите лидерски одлуки, како што стои во владиното соопштение, стана членка на НАТО и сега е пред пресвртен момент да обезбеди европски квалитет на живот каков што заслужуваат македонските граѓани, функционална имплементација на владеењето на правото и унапредување на правната институционална рамка во рамките на процесот на преговори со ЕУ.

– Заедничкиот заклучок од средбата беше дека е неопходно сите политички лидери и субјекти во државата да ја имаат предвид важноста Северна Македонија да продолжи со следниот чекор на патот кон ЕУ, што ќе ги осигура европските перспективи на државата. Тоа е чекор што се очекува од Северна Македонија како придонес во демократскиот прогрес и перспективите на целиот Западен Балкан и во прилог на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, соопштија од Владата на РСМ.

Фото и видео:Влада на РСМ

Back to top button
Close