Се бара оставка од претседателката на Унгарија бидејќи помилувала соучесник на педофил

Се зголемува притисокот врз унгарската претседателка Каталин Новак да поднесе оставка откако беше откриено дека помилувала маж осуден за соучесништво во сексуална злоупотреба на деца.
Опозициските партии во Унгарија објавија дека Новак, блиска соработничка на премиерот Виктор Орбан, повеќе нема право да биде претседател откако минатата година помилува осуденик – поранешен заменик директор на државен дом за сираци.
Тој во 2018 година бил осуден на повеќе од три години затвор бидејќи помогнал да се прикрие фактот дека директорот на таа институција сексуално злоставувал најмалку десет деца од 2004 до 2016 година, за што подоцна е осуден на осум години затвор.
Новак, која го помилува, како и десетици други по повод посетата на папата Франциск на Унгарија во април 2023 година, негираше дека таа постапила неправилно.
Нејзиниот кабинет засега нема коментар.
Најголемата опозициска партија во Унгарија, Демократската коалиција, во Собранието почна етичка постапка против претседателката.
Протест против Новак е закажан за утре пред претседателската палата во Будимпешта.
Поранешната министерка за правда Џудит Варга исто така беше критикувана дека се согласила на помилувањето. Варга се очекува да ја предводи листата на кандидати на унгарската владејачка партија Фидес на изборите за Европскиот парламент во јуни.






