(ВИДЕО) Путин повторно ја пррфрла одговорноста – тврди дека војната во Украина ќе завршела за две недели ако Зеленски не ги слушал САД и Велика Британија

Рускиот претседател Владимир Путин ги обвинува САД и другите западни земји дека ја продолжуваат војната во Украина. Ова го изјавил во двочасовното интервју што го имал со поранешниот водител на Фокс њуз, Такер Карлсон, кое воедно е и прво негово интервју дадено за западни медиуми откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, пренесува „Гардијан“.

Интервјуто е објавено на каналот на Карлсон на социјалната мрежа „Јутуб“.

„Имаше мировни преговори со Украина кои беа речиси финализирани, но потоа Украина ги отфрли сите тие договори и ги послуша инструкциите на западните земји, европските земји и САД да се борат со Русија до крај“,рече Путин.

Путин во интервјуто речиси половина час зборува за историјата на Русија, Летонија, Полска и Украина, а ја коментира и надворешната политика на Ленин. Но, исто така, тој ја коментира и позицијата на поранешна Југославија, како и бомбардирањето на Србија во 1999 година.

За одвраќање на Зеленски од договор со Русија, Путин вината ја префрла на Борис Џонсон, поранешниот британски премиер.

Во интервјуто тврди дека токму Џонсон како премиер го одвратил Зеленски да потпише мировен договор во раните фази на конфликтот.

„Фактот што Украина го слушаше барањето или убедувањето на Џонсон, поранешниот премиер на Велика Британија, изгледаше смешно“,рече Путин.

Според водителот на интервјуто Карлсон, причината зошто го прави интервјуто со Путин е дека американската јавност нема точни сознанија зошто Путин ја нападнал Украина и кои се сега неговите цели.

Во видео со кое го најавува интервјуто, Карлсон тврди дека ниту еден новинар од западните земји не се потрудил да се обиде да го интервјуира Путин.

Путин во интервјуто му рече на Карлсон дека Русија и САД сè уште зборуваат преку различни агенции за ставање крај на конфликтот.

„Ако навистина сакате да престанете да се борите, треба да престанете да снабдувате оружје. Ќе биде готово за неколку недели“,вели Путин.

Путин рекол и дека последен пат разговарал со Џо Бајден пред Русија да ја нападне Украина.

„Тогаш, му реков, ’верувам дека правиш огромна грешка од историски размери со тоа што поддржуваш сè што се случува таму во Украина оттурнувајќи ја Русија’“,рече рускиот претседател.

Путин последен пат дал интервју за западен медиум во 2021 година, кога разговарал со новинар за Си-ен-би-си. Од 2021 година Путин дава само интервјуа за руски, казахстански и кинески медиуми.

Според Комитетот за заштита на новинарите, Русија беше една од петте најголеми земји каде што се затвораат новинари во светот во 2023 година, со 22 новинари во затвор.

Слободите на медиумите во голема мера исчезнаа во Русија во последните две децении бидејќи се зголеми притисокот врз независните медиуми и се зголеми ризикот од апсење за домашните и странските новинари кои работат во земјата.

Back to top button
Close