Левица: Нема никаков раскол, си одат тројца “расипани“ кои ровареле со структури на ВМРО ДПМНЕ

Левица го суспендира и исклучи од членство претседателот на Советот на Општина Карпош – Бранко Ристов; неговата партнерка Живанка Морис – поранешна координаторка на Левица – дијаспора и советникот во Општина Аеродром – Дарко Масларковски (Пука Козметика), информираат од партијата преку Фејсбук.

Оттаму велат дека на ваков чекор се одлучиле со цел да превенираат обиди за роварење на надворешни структури поддржани од ДПМНЕ и нагласуваат „неспособните кадри ќе бидат заменети со нови и лојални работници“.

„Дисциплинската одлука е донесена заради превенирање на обидите за роварење на надворешни структури поддржани и координирани од ДПМНЕ да го саботираат процесот на собирање потписи и да нанесат предизборна штета на партијата, преку таргетирање и контаминирање идентификувани слаби алки помеѓу членовите. Напоменуваме дека секој воочен внатрешен обид на непринципиелно и клиентелистичко дејствување, манипулирање, ширење дефетизам и шурување со одредени центри на моќ – било од обични членови или, пак, од раководни функционери на Левица ќе биде јакобински сосечен во корен! Неспособните кадри, кои се покажаа недостојни на задачата, ќе бидат заменети со нови, вредни, искрени и лојални работници. Тројца расипани си одат, триста чесни доаѓаат!“,велат од Левица.

Во деновите кога испишуваме историја со собирањето потписи за првиот наш претседателски кандидат, додаваат од партијата, Левица е непоколеблива во својата борба против корумпираниот систем на политичката и бизнис-олигархија и нема да толерира отстапување од партискиот курс на неподмитливоста поради ничии лични амбиции, каприци и карактерни маани.

 

„Автентичниот раст и масовната народна поддршка на Левица ги плаши буржуаските квислиншки партии СДС и ДПМНЕ, поради што не избираат средства за напади кон нас. Ова е познато и веќе видено сценарио во секој изборен циклус досега, на што сме навикнати – па затоа и овој пат истото ќе биде навремено пресретнато од искусното партиско раководство, кое има целосна доверба и контрола во партијата. Затоа, нема да дозволиме изневерување на тешко стекнатата доверба од народот – и бараме оставка на Ристов и Масларковски од функциите кои ги узурпираат во општинските совети и враќање на нивните советнички мандати во рамките на легитимитетот кој ѝ е доверен на нашата советничка листа“информираат од партијата на Димитар Апасиев.

Претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, кој е од редовите на Левица, вчера објави дека си поднесува оставка од сите внатрепартиски функции.

Оставката на Ристов е втора за два дена откако претходно и неговиот сопартиец од Советот во Општина Аеродром, Дарко Масларковски, се реши на истиот чекор.

Ристов, како што информира, одлучил да поднесе оставка затоа што „политичките цели на партијата се најверојатно неостварливи“.

„Давам оставка од сите внатрепартиски функции. Функционирањето на партијата преку бркање пиар пред политика, наместо обратно, и внатрепартиската кадровска структура ме донесе до заклучокот дека политичките цели на партијата, на која посветив осум години, се најверојатно неостварливи. Оттаму не би сакал да посветам уште осум за да ми се потврди мојот страв со што би пропуштил неповратно време кое би можел да го посветам на најблиските“,се вели во изјавата на Ристов која ја пренесе Масларковски на Фејсбук.

Масларковски завчера, исто така преку објава на својот фејсбук-профил, соопшти дека повеќе не е член на политичката партија Левица. Тој нагласи дека одлуката е базирана на повеќе причини и дејства на кои, како што напиша, не може да остане рамнодушен.

„Разочаран сум бидејќи работите во партијата не се на она другарско и чисто идеолошко дејствување, како на почетокот, то ест полно е со византиски игри, намерно уништување, игнорирање и оддалечување од чесни, вредни, борбени, бестрашни, бескомпромисни ‘чисти’ кадри. Се случува опкружување со полтрони, интересџии и безкичмењаци кои безпоговорно следат луди директиви (како таа за отстранување на македонското знаме од Кутлеш), како и екипирање на раководни кадри кои се премногу сомнителни, увезени токму од политичките елити против кои се бориме(наводно се бори и Левица)“,се додава во објавата на Масларковски.

Back to top button
Close