Прочка
Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка ќе се потрудам да ги детектирам девијантните појави кои се појавија после стечајот на Еуростандард банка, меѓу клиентите на самата банка, правни и физички лица, ама и за компанијата А.Д. Македонски пошти која беше силен партнер на Еуростандард банка.
Очигледен факт е дека во стечајната маса има доволно средства со кои ќе се подмират сите правни и физички лица, клиенти на банката. Повеќе од јасно е дека во изминатите години, по објавениот стечај јас и моето семејство поминавме многу тежок период. Со носењето на Еуростандард банка во стечај загрозивме многу наши правни и физички лица, клиенти на банката.
Тешкиот период кој го поминаа сите овие клиенти на банката, веќе е минато. Неизвесноста за нивните средства е решена. Тие изгубија време, а добија немир во своите животи. Има ли некој кој ќе им ја надокнади оваа загуба.
Денес е повеќе од очигледно дека Еуростандард банка не требаше да биде однесена во стечај по ниту еден параметар. Егзекутор на стечајот беше Народна банка. Виновни се сите институции на системот почнувајчи од Техничка Влада , Собрание на РМ, Јавно обвинителство и судството. Тие даваа логистичка поддршка, а креаторот на овој чин сѐ уште стои анонимен, во сенка.
Собирањето на одлеаните средства од банката во стечајната маса се врши нетранспарентно. Оттуѓувањето на имотот на Еуростандард банка влегува во фаза на распродажба. Замислете, главната дирекција на Еуростандард банка е оттуѓена за 8 милиони евра на Фондот за осигурување на депозити. Банка, изградена по сите банкарски стандарди во банкарството, во епицентарот на Град Скопје, со можност за надградба на нови 2000 метри квадратни, отуѓена е од Стечајниот управник за 2000 евра по метар квадратен.
Истата оваа зграда само пред 6 месеци за малку ќе беше оттуѓена за 5,3 милиони евра. Верувам дека срамот ќе беше уште поголем.
Главната дирекција во центарот на Град Скопје, не смее да биде отуѓена под цена што се движи од 6000 до 8000 евра по метар квадратен. Тоа е реалната цена за стандардизирани банки во центарот на Скопје.
Креаторите на овој злосторнички чин, свесни дека направиле злодело, настојуваат да соберат што помалку финансиски средства во стечајната маса. Кога се подмирени сите правни и физички лица, тогаш евидентно ќе се појави вишок на финансиски средства во стечајната маса, а таков вишок не им одговара ниту на Народна банка, ниту на креаторите и поддржувачите на овој нечесен чин.
А.Д. Македонски пошти, со која Еуростандард банка склучи договор на 20 години за меѓусебна соработка, денес се наоѓа во фаза на уништување. Со одењето на Еуростандард банка во стечај, А.Д. Македонски пошти изгубија 80000 пензионери кои редовно беа сервисирани на месечно ниво. Со договорот меѓу Еуростандард банка и А.Д. Македонски пошти, приходите од сите извршени банкарски трансакции се делеа на 2/3 за Македонски пошти и 1/3 за Еуростандард банка. Со 330 експозитури на Македонски пошти низ Македонија, Еуростандард банка месечно правеше од 1,4-1,6 милиони трансакции или поточно, учествуваше во вкупниот платен промет на државата со 24%.
Денес Еуростандард банка не постои , а со тоа изгубија работа и 250 вработени во неа. Агонијата во Македонски пошти најверојатно ќе ја донесе до нејзин
2 / 2
распад. Тешки години минаа сите клиенти на Еуростандард банка, од кои повеќето се обештетени или ќе бидат целосно обештетени во најкраток период.
Викендов го празнувавме православниот верски празник „Прочка”. Симболиката на овој празник е силна, да си простуваме за грешките и да создаваме иднина за сите нас.
Почитувани читатели, јас сум верник, ама за вакви злодела никогаш нема да простам.
Креаторите и извршителите со нивните слуги мора да ја платат својата цена.
Доаѓаат нови претседателски и парламентарни избори. Сакам да верувам дека после овие избори, ние, граѓаните на Македонија, ќе ја почувствуваме правдата. Дали тоа ќе се случи, не знам, но се надевам и борам.
„Надежта последна умира” – со оваа максима и сета моја енергија продолжувам.
Трифун Костовски