Гир- Преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ е обезбедена поддршка за гаснење на пожарите
Eвропската Унија брзо одговори на итното барање на Владата на Северна Македонија за помош во нејзините напори за борба против тешките шумски пожари преку активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, велат од Делегацијата на Европската Унија во С Македонија.
Оттаму информираат дека преку овој механизам, и благодарение на поддршката на земјите-учеснички, ЕУ успеа брзо да мобилизира еден хеликоптер од Србија, два хеликоптери од Словенија, два авиони и еден хеликоптер од Турција, еден авион од противпожарната флота на Хрватска и еден авион од Романија. Овие единици за поддршка веќе се ангажирани во гаснењето на пожарот.

„ЕУ отсекогаш била тука за Северна Македонија во тешки времиња. Нашата брза и суштинска помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ обезбедува витална поддршка за локалните напори во борбата против разорните шумски пожари“,изјави Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.
Од Делегацијата на Европската Унија велат дека ова не е првпат Механизмот за цивилна заштита на ЕУ да се мобилизира за да ѝ помогне на земјава со природни непогоди. Во август 2021 година, поддршката на ЕУ преку механизмот беше клучна за надминување на тешките шумски пожари во Пехчевско и Беровско. Во 2015 и 2016 година беше обезбедена навремена поддршка за справување со поплавите што ја зафатија земјата. Поддршка преку механизмот беше обезбедена и за време на пандемијата со ковид-19.