(ФОТО) Романскиот авион „Спартан“ ќе го гасне пожарот под Солунска Глава
Романија испрати два противпожарни авиони како поддршка за гаснење на пожарите во Македонија. На македонско тло веќе слетаа големиот авион „Спартан“ кој фрла т.н. водни бомби од околу пет тони, и авионот „Херкул“ како негова логистика.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов информираше дека „Спртан“ денеска ќе биде употребен за гаснење на пожарот кај Солунска Глава.
„Пожарот под Солунска Глава се одвива на исклучително тешко пристапен терен, а и на поголем дел непристапен терен. Таму ќе го упатиме романскиот ‘Спартан’, кој во еден налет ќе фрли пет тони вода, па потоа ќе одлучиме што понатаму. За овој авион е карактеристично тоа што на местата каде ги фрла водните бомби не треба да има луѓе, односно пожарникари, зашто тие претставуваат опасност за нив“, изјави Ангелов.
Ангелов вели дека по утринскиот брифинг со пилотите на хеликоптерите што се на располагање, тие веќе полетале за да ги изгаснат пожарите низ земјава.
„Четири хеликоптери полетаа кон планината Серта. Во општина Радовиш, кај селото Колајево, упативме два големи армиски хеликоптери, еден полициски хеликоптер и еден црногорски хеликоптер. Во село Негорци, Гевгелија, упативме два словенечки хеликоптери, а во Општина Ново Село, во непосредна близина на границата со Бугарија, упативме еден голем турски хеликоптер и еден голем српски хеликоптер. Но, нешто подоцна поради разгорување на пожарот во Радовишко, во непосредна близина на градот Радовиш, кој може да претставува опасност за борова шума, српскиот хеликоптер го пренасочивме кон Радовиш“појасни Ангелов.
Според ЦУК, покрај овие пожари има уште неколку што се опасни и за чие гаснење ќе биде потребна воздушна поддршка, како што се пожарите во општините Чашка, Долнени, Студеничани и Зелениково. Но, според директорот Ангелов, засега нема опасност за ниту едно населено место, а целата состојба е под контрола.
Даваме сè од себе. Покрај трите ‘ер трактори’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), два армиски хеликоптери, еден полициски хеликоптери, на кој најверојатно денес ќе му се придружи и втор полициски хеликоптер, досега на помош во гаснењето на пожарите пристигнаа два словенечки хеликоптери, еден хрватски канадер, кој ќе се приклучи во гаснењето на пожарот на планината Серта и веќе полета, и по еден хеликоптер од Црна Гора и од Србија. Голема благодарност до сите пријателски држави кои со своите летала помагаат да се справиме со огнената стихија која ја зафати државата последната недела“,вели тој.
Според Ангелов, во гаснењето на пожарите се вклучени поголем број пожарникари, стотина припадници на Армијата, како и 30 припадници на полицијата.