Договор за франшиза, изградба на хотел ,,Холидеј ин”, во новиот мол на ,,Литл Америка”, потпишан во Кавадарци
Договор за франшиза, изградба на хотел ,,Холидеј ин”, во новиот мол на „Литл Америка” што е во изградба, беше потпишан денеска во Кавадарци. Хотелот ќе биде во рамките на комплексот станбени згради и трговски центар под името „Little America“, инаку инвестиција на кавадарчанецот Трајче Зуко Ристовски, кој над дваесет години работи и живее во Америка со своето семејство.
– Всушност, станува збор за потпишување на договорот за франжиза на хотелот што е во склоп на „Литл Америка” со „Холидеј ин”, помеѓу инвеститорот на овој мега проект, „Тиквеш инвест”, со меѓународниот синџир на хотели, како дел од групацијата, ІHG Hotels and resorts, беше појаснето на настанот.
На потпишувањето на договорот од страна на Ристовски и Живорад Васиќ, директор на IHG Hotels and resorts за источна Европа, беа присутни и премиерот Христијан Мицкоски и претставници на Американската амбасада.
Васиќ изјави дека Кавадарци ќе биде еден од најдобрите хотели во регионот. Васиќ додаде дека објектот ќе вработува преку сто нови работници и ќе придонесе за развој на винскиот туризам.
Градоначалникот Митко Јанчев рече дека е ова позитивен пример, кога сограѓанин кој повеќе од дваесет години живее надвор од државата, станува инвеститор со околу триесет милиони евра инвестиција и позитивен пример, како треба да се даде поддршка и сигурност за таквите инвестиции. Тој изрази уверување дека ова ќе охрабри и други да ги инвестираат во родната земја, за општото добро на сите.
Јанчев рече дека премиерот дава максимална поддршка на инвестицијата и на издигнувањето на општината.
– Економијата во Кавадарци е добро развиена. Со повеќе од еден и пол процент на невработеност. Втора општина по БДП, што внесува брендови и други инвестиции, се зголемува квалитетот на живеење. Општината и натаму ќе се издигнува со поддршката од Владата, подвлече Јанчев.