ОДАМ ПО НЕВЕСТАТА

Нема веќе аги и паши. Затоа, си го имаме Гаши.

Станува алармантно уште колку полицајци, инспектори, шефови на смени, цариници ќе бидат казнети или избркани од работа додека овие од Коалицијата „Вреди“ се изживеат на функциите. Ај сега и нив треба да ги пораснеме со наши пари.

Секако дека шефот на смена на граничниот премин „Блаце“ е одговорен затоа што неколку минути не бил активен системот за регистрација на патници додека поминувала свадбарска поворка од шест возила, од кои четири државни. Поворката ја предводел претседателот на Собранието Африм Гаши. Тој со службеното возило, во придружба на три полициски возила и плус две приватни, сите полни со сватови, тргнал по невеста во Косово.

Од Коалицијата „Вреди“ велат дека „обичај е, исто како и кај македонските свадби, да се оди по невеста“. Па обичај е и на граница да покажеш пасош. Море, каков обичај, закон е. Ама, тој закон Гаши не го испочитувал.

Од владиниот коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека на Гаши, како претседател на Собранието, му следува полициска придружба. И дополнително, премиерот Христијан Мицкоски рече дека „Гаши е подобар од претходникот Талат Џафери“. Што автоматски му дава право не само тој да ја минува границата без легитимирање, туку и сите сватови што одат со него. Можеа комотно меѓу сватовите да го стават и Блерим Рамадани, осомничен за воени злосторства во Косово и баран од Интерпол, кој избега од „гостински притвор“ чекајќи одлука на судот за екстрадиција во Србија. Нему ќе му го дадеа албанското знаме да го вее низ прозорец, да го испочитува обичајот.

Којзнае, можеби за да се избегнат вакви недоразбирања во владината коалиција, Мицкоски ќе му се понуди на Гаши следниот пат кога ќе оди на свадба во Косово да го земе и него меѓу сватовите, па заедно да ја поминуваат границата. Исто како што ѝ се понуди на косовската претседателка Вјоса Османи следниот пат кога ќе лета од Скопскиот аеродром тој да ја придружува додека поминува низ безбедносните процедури пред да се качи на авион, за да не мора Гаши да го праќа своето обезбедување да репетира пиштоли.

Во светот, границите без пасоши ги поминуваат само британскиот монарх и јапонските цар и царица. Сите други монарси имаат пасоши со кои се легитимираат. Дури и папата има пасош.  Само Гаши не мора да се легитимира. И евентуално косовската претседателка Вјоса Османи. Којзнае дали кога доаѓала да лета од Скопскиот аеродром нејзината придружба воопшто била регистрирана за влез на „Блаце“. Туку, да не почне да ги прегледува камерите министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, па да настрада уште некој шеф на смена. Порано, додека овие од „Вреди“ беа со ДУИ, барем го обвинуваа пајакот за инциденти со полицајци. Сега напреднаа во барање одговорност, па ќе им бидат криви полицајците. Греота се луѓето.

Како вика Мицкоски: Со оваа Влада нема веќе аги и паши.

Затоа, си го имаме Гаши.

Ама, па сега, вреди ли да се растура колиција за две пасошки контроли?

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close