(ВИДЕО) Силен тајфун ја погоди Јапонија: Издадени наредби за евакуација на милиони жители
Југозападниот дел на Јапонија утринава беше погоден од силен дожд и многу силен ветер додека тајфунот Шаншан падна на копно во префектурата Кагошима, прекинувајќи ја струјата во повеќе од четвртина милион домаќинства и повредувајќи десетици луѓе.
Тајфунот, категоризиран како „силен“, со удари на ветер до 60 метри во секунда (216 км/ч), пристигна утринава во близина на градот Сатсумасендаи, кој се наоѓа на југозападниот остров Кјушу, објави метеоролошката агенција.
Едно лице се води како исчезнато, а 39 се повредени во префектурите Кагошима и Мијазаки, информираше јавната телевизија НХК. Снимката на ХНК покажува скршени ѕидови и стаклени прозорци на згради во Мијазаки.
Повеќе од 250 000 домаќинства во седум префектури беа без струја до 9 часот по локално време во четвртокот, според „Кјушу електрик пауер“.
Откако ќе го погоди Кјушу во текот на следните неколку дена, невремето се очекува да се приближи до централните и источните региони, вклучувајќи го и главниот град Токио, околу викендот, соопшти метеоролошката агенција. Големите производители на автомобили, вклучувајќи ги „Тојота“ и „Нисан“, ја прекинаа работата во речиси сите домашни фабрики поради невремето.
Авиокомпаниите, вклучително и АНА Холдингс и Јапан ерлајнс, веќе најавија откажување на повеќе од 600 домашни летови. Возниот сообраќај е прекинат во многу области на Кјушу.
Тајфунот Шаншан е најновиот систем за тешки временски услови што ја погоди Јапонија по тајфунот Ампил, кој исто така предизвика прекин на електричната енергија и евакуација на почетокот на овој месец.