Косовската полиција пред српските институции на северот на Косово, граѓани се обиделе да влезат во канцелариите, но не им било дозволено
Косовската полиција сè уште е пред српските институции на северот на Косово и Метохија, каде се поставени импровизирани табли на косовските институции. Кордонот на италијанските карабинери се повлече од мостот на Ибар во Косовска Митровица, но на приодот до мостот, како и досега, остануваат неколку карабинери од КФОР со две оклопни и две теренски возила.
Српските медиуми јавија дека Србите во Косовска Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се собрале пред зградите на институциите во кои се вработени, потенцирајќи дека не се работи за протести туку дека дошле на своите работни места.
Засега косовската полиција не ги пушта да влезат во објектите на косовските институции, јавуваат српските медиуми, додавајќи дека засега не се регистрирани инциденти.
Во петокот, во синхронизирана акција на косовските безбедносни власти, во сите четири општини на север, затворени се објектите каде што функционираа преостанатите институции на Република Србија, пред сè општинските служби. Од утринава, протест се одржува во Косовска Митровица, недалеку од просториите каде што се наоѓаше привремената управа на општина Косовска Митровица која функционираше во системот на Република Србија, откако биле преместени од просториите каде што претходно престојувале.
На 26 мај годинава, веднаш по изборите кои беа бојкотирани од Србите, специјалните единици на косовската полиција извршија упад, притоа преместувајќи ги во алтернативни објекти привремените власти, и така протерувајќи ги од општинските објекти.