Венецуела: Издаден налог за апсење на опозицискиот кандидат за претседател
Канцеларијата на јавниот обвинител на Венецуела вчера соопшти дека е издаден судски налог за апсење на опозицискиот кандидат за претседател Едмундо Гонзалес под обвиненија за заговор и други кривични дела поврзани со спорните претседателски избор што се одржаа во јули, по кои избувнаа немири во земјата, пренесуваат светските медиуми.
Изборната комисија на Венецуела го прогласи Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник на изборите на 28 јули, но не ги објави целосните резултати од гласањето. Венецуелската опозиција, пак, објави свои резултати кои покажуваат убедлива победа на нивниот кандидат, Едмундо Гонзалес.
Спорот предизвика реакции од меѓународната заедница која упати апел до властите за објавување на целосните резултати, но и протести ширум Венецуела, кои доведоа до апсења на претставници на опозицијата и новинари.
Јавниот обвинител на Венецуела Тарек Сааб преку порака на Телеграм ја споделил наредбата за апсење на опозицискиот лидер на новинската агенција Ројтерс.
Од друга страна, портпаролот на Гонзалес за агенцијата изјавил дека чекаат какво било известување за наредбата, без да даде дополнителен коментар.
Високи владини функционери во Венецуела со недели бараат Гонзалес и други членови на опозицијата да бидат притворени.
Инаку, налогот за апсење на опозицискиот лидер го издал обвинителот Луис Ернесто Дуенез која бара апсење на Гонзалес поради узурпација на функцијата, фалсификување на јавни документи, поттикнување на непочитување на законот и заговор против државата Венецуела.
„Никој во оваа држава не е над законите, над институциите, бидејќи овој човек има нерви да каже дека не признава закони. Ова е неприфатливо“рече Мадуро во пренос на државната телевизија.
Од опозицијата, пак, обвинуваат дека Мадуро и неговите приврзаници изгубиле секакво чувство за реалноста.
„Заканата за новоизбраниот претседател само ќе ја зголеми поддршката на Венецуелците и на светот за Едмундо Гонзалес“изјави опозициската лидерка Марија Корина Мачадо.