ВМРО-ДПМНЕ предложи дополнување на собранискиот дневен ред со законот за задолжување кај Унгарија кој ќе се носи по скратена постапка
Пред да се изгласа предлог-дневниот ред за денешната 14. собраниска седница, пратеникот Бојан Стојаноски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ предложи негово дополнување со предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.
Владата предлага овој акт да се носи по скратена постапка.
Образложувајќи ја потребата од дополнување на предлог-дневниот ред со оваа точка, Стојаноски рече дека половина од парите од задолжувањето кај Унгарската експорт-импорт банка ќе завршат директно кај стопанството, а другата половина кај општините кои со нив треба да спроведат капитални и инфраструктурни проекти.
„Со овој инпут во стопанството се очекува раст на БДП, како и засилување на приватниот сектор. Другите 250 милиони евра завршуваат директно кај проекти од капитален интерес, односно кај општините за да може да ги изградат сите оние проекти коишто се и те како потребни“,изјави Стојаноски.
Во своето излагање од собраниската говорница пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на провизијата која за правни услуги државата треба да ѝ ја плати на фирма што ќе ја избере Унгарската експорт-импорт банка.
„Тоа се отприлика, кога ќе го видите договорот, некои 50 до 70 илјади евра. Која е разликата? Разликата е што тоа во измината еврообврзница беше половина милијарда евра. Овој трошок за оваа провизија беше пет милиони евра, а оној трошок претходно, кога пропадна таа еврообврзница беше 17 милиони евра. Така што, апелирам оваа точка да биде ставена на дневниот ред, да дебатираме и понатака овие средства да влезат и во македонското стопанство, но и да бидат реализирани како капитални инвестиции“,додаде Стојаноски.
Инаку, во образложението на предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, кој се носи по скратена постапка, меѓу другото, се наведува дека Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност.
Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.
Задолжувањето од половина милијарда евра од Унгарија ќе се турка по скратена постапка
Во врска со провизиските трошоци за правни услуги кои земјава треба да ѝ ги плати на фирма по избор на Унгарската банка, претходно денеска говореше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ќе бидат во износ од 70 илјади евра. Оваа сума, како што кажа тој, е десетпати помала од она што во минатото како држава сме го плаќале за претходни задолжувања.