Затворена кујната на Воена Академија касарна Гоце Делчев – Аеродром, поради можно труење со храна
Неколку лица од Воена Академија касарна Гоце Делчев – Аеродром Скопје, се пожалиле на можно труење со храна која ја консумирале на 11 септември во мензата на касарната.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Центарот за јавно здравје, Институт за јавно здравје – Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерството за здравство, по спроведената епидемиолошка анкета, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот каде се подготвува храната која се послужува во мензата на Воената академија.
Инспекциски надзор спроведен е и во мензата на касарната Гоце Делчев каде се консумирала храната и каде не се утврдени недоследности.
Земени се мостри од храната за лабораториско тестирање, од објектот каде била подготвена и брисеви од работни површини.
Кујната каде се подготвувала храната е времено затворена. Наложени се мерки за генерално чистење на кујната и опремата и приборот во неа, спроведување на вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција.
Вработените во кујната кои имале уредно извршен здравствен хигиенски преглед, упатени се на спроведување на вонреден преглед.
Кујната каде се подготвувала инкриминираната храна нема да работи се до добивање на резултатите од лабораториското испитување на земените мостри и брисеви со кои ќе се потврди безбедноста.