Муцунски: Француски предлог плус е стопирање на билатерализацијата во пристапните преговори со ЕУ

Француски предлог плус е надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба на таков начин, да ние ќе бидеме апсолутно сигурни, без никаква дилема, дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, дека понатаму нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат. Што не значи дека некоја земја членка по тој пат нема да може да не блокира по однос на неиспорачување реформи во делот на јавни финансии, по однос на неиспорачување на реформи во делот на владеење на правото, но да престанат овие билатерални барања кои што повеќе од 30 години не влечат нас, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Муцунски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, појаснува дека тоа може да се постигне преку институциите на ЕУ, доколку Унијата е сериозно посветена на нас и регионот.

-Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската Унија, на начин што ќе има сериозна посветеност не само кон нас, туку и кон регионот. И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување на некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред, изјави Муцунски.

Според негои, кога има желба кај земјите членки ќе се најде начин да се убеди членка којашто прави проблем, доколку е стратешко прашањето. Прашањето е, како што вели тој, дали ЕУ е искрена дека сака да се прошири кон Западниот Балкан, а тој „верува дека е искрена“.

-Ние им велиме патот којшто сте го нацртале ни штети на нас, ќе ви штети и на вас, дајте да нацртаме нов пат. И не само тоа, туку нудиме и логично решение… Поборници сме на концептот дека брзоплети одлуки во надворешната политика носат добри решенија. Видовме како една претходна власт, по неколку месеци формирање на Владата, сакаше да наметне дека таа ги наоѓа најсоодветните решенија во надворешната политика, па не доведе до оваа ситуација со протоколи, со уставни промени, со милион проблеми од техничка природа, со наводно подобрување на меѓусебните односи, но потоа се што ќе им побараа – прифаќаа. И сега ние сме доведени до таква ситуација да треба работата од многу подредена состојба да ја извадиме на ситуација каде што имаме барем минимално достоинство и интегритет да ја движиме државата напред, изјави Муцунски.

Не сметам, подвлекува министерот, дека треба да располагаме со рокови, туку дека треба да бидеме, конструктивни, проактивни и фокусирани на реформската агенда.

За патувањето на премиерот Христијан Мицкоски во Брисел неделава, Муцунски вели дека „премиерот Мицкоски во Брисел ќе го повтори и презентира сето она за кое што сме разговарале во последниот период“.

–   Тоа што ќе го каже Мицкоски е тоа што го кажуваме подолг период на средбите со нашите меѓународни партнери. Ние сакаме решение, сакаме конструктивни и добри односи, но истовремено не сме за решение по секоја цена, затоа што такво решение не е ниту во наш интерес, ниту во интерес на европските чинители. Граѓаните треба да бидат сигурни дека имаат влада што сето тоа што го зборува во јавност, го зборува на сите наши средби. Ние, секако по овие прашање, се консултираме и со сите наѓи клучни стратешки партнери, и ќе повторам сме земја членка на НАТО, а претендираме да станеме земја членка на ЕУ. Сакаме да бидеме земја што ќе биде симбол за стабилност. Од таа гледна точка, премиерот Мицкоски во Брисел ќе го повтори и презентира сето она за кое што сме разговарале во последниот период, изјави Муцунски.

Во однос на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, Муцунски вели дека очекува извинување од Бугарија и не би сакал да се разочара од соседот.

–  Доколку другата страна пристапува во бона фиде, како што ние пристапуваме, тогаш природно е по ваква протоколарна грешка да се извини и може да каже дека беше грешка и дека не била целта каква било форма на навредување или меѓусебно понижување, изјави Муцунски.

Според министерот, отсуството на реакција веднаш по средбата се должи на авионската несреќа која се случи во Бугарија неколку часа претходно.

-Бидејќи гледаме дека има прозивки, единствен начин да реагирате за вакво нешто, кога гледате дека се случила институционална протколарна грешка од другата страна е начинот на којшто ние реагиравме денеска како МНР. Усна реакција на лице место не е формална рекација и дипломатскиот протокол многу строго ги регулира овие прашања, вели Муцунски.

На прашање што доколку Бугарија остане на објаснувањето дека не станува збор ниту за официјална ниту за работна средба и дека поради тоа не се следел вообичаениот протокол, Муцунски вели дека во тој случај се навлегува во прашањето за билатералните односи.

Back to top button
Close