Адеми: Недозволиво е носење законски измени како оние во Кривичниот законик без да се слушне мислењето на судиите
Без да се слушне мислењето на судиите, недозволиво е носење законски измени кои непосредно или посредно се поврзани со судството, како што беше примерот со Кривичниот законик. Тоа не само што предизвикува нетранспарентност на процесот, туку и несакани реперкусии од аспект на владеење на правото, изјави претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, на презентацијата на препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, финансирани од Амбасадата на САД, а во организација на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Според Адеми, потребно е конечно да се слушнат размислувањата и предлозите на судската фела.
„Проблемите не се решаваат со наметнување или со прифаќање на молк, напротив, аргументациите на судиите со интегритет и став се доволно гласни и јасни да укажат на состојбите кои ги кочат идеите и процесите“,
вели Адеми.
Една од препораките, како што рече, е за осамостојување и зголемување на буџетот во судството, односно судскиот и јавнообвинителскиот буџет да не зависат од претходно добиените одобренија и согласност од органите на извршната власт. Неспорно е, додава таа, оти дека судството е финансиски зависно од другите власти.
„Не можеме да говориме ниту за доследно почитување за уставното начело на поделба на власта, додека судството се бори со проблемот на недостиг на судии и судска администрација. Не можеме да говориме за почитување на уставната и законската положба на судството. Човечките ресурси се столбот на функционалноста и гаранција дека целите на судството утврдени со Уставот и Законот за судовите ќе бидат исполнети онака како што налагаат принципите на независно, ефикасно и отчетно судство“,вели претседателката на Врховниот суд.
На настанот говореше и американската амбасадорка Анџела Агелер. Ја нагласи потребата од реформи и поголема транспарентност во правосудството. Како еден од наједноставните начини за повторно враќање на довербата во судството, ја посочи транспарентноста на судските постапки.
„Овие препораки нека бидат повик за акција и план, а не само документ кој ќе биде потпишан и архивиран. Сите министри на правда, пратеници, претставници на невладиниот сектор, дури и дипломатите заедно со судиите и јавните обвинители мора да сторат сѐ за овие препораки да се реализираат и да има една вистинска и трајна реформа на правосудството“,порача Агелер.
Препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“, како што изјави извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски, е оформени по спроведениот консултациски процес кои судиите и јавните обвинители ги посочиле во аспект на функционирањето на правосудниот систем.
„Почнавме процес преку кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе можат да се координираат, усогласат да изградат заеднички став во однос на оние важни проблеми и прашања кои ги сметаат за суштински и да се понудат препораки дадени изворно од нивната страна кои се однесуваат на извршната, законодавната, но и на судската власт, на самите судии и јавни обвинители и се во насока да се унапреди ефикасноста на брзината на кривичните постапки и секако владеењето на правото. Особено оние кривични постапки кои и јавноста најчесто ги следи и преку нив се информира за работата на судовите“,изјави Дарко Аврамовски.
Дел од препораките се однесуваат на промената на практиките и пристапот на постапување на самите јавни обвинители и судиите.